Фото: Пиксабеј

Во текот на мај 2026 година во државата се регистрирани 191 кривично дело поврзано со семејно насилство, што претставува зголемување од 70,5 проценти во однос на истиот месец минатата година, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според податоците на МВР, најголем дел од кривичните дела се однесуваат на „телесна повреда“ – 130 случаи, како и на „загрозување на сигурноста“ – 52 случаи.

Во анализираниот период е регистрирано и едно убиство поврзано со семејно насилство на подрачјето на СВР Битола, како и две кривични дела „тешка телесна повреда“.

Најголем број случаи на семејно насилство се евидентирани на подрачјето на СВР Скопје, каде биле пријавени 62 кривични дела.

Во текот на мај, Министерството поднело 137 кривични пријави, што е зголемување од 71,3 проценти споредено со мај 2025 година. Мерки на кривичен прогон биле преземени против 144 сторители, додека како жртви се евидентирани 143 лица.

По брза постапка биле поднесени 18 кривични пријави, за 15 лица бил определен притвор, а за 48 сторители биле изречени мерки на претпазливост. Бројот на кривични пријави поднесени по брза постапка е за 800 проценти поголем во споредба со истиот период лани.

Покрај кривичните дела, во мај биле регистрирани и 19 прекршоци поврзани со семејно насилство, најчесто за физички напад и нарушување на јавниот ред и мир преку карање и викање.

Во истиот период до полицијата биле доставени вкупно 499 поплаки за семејно насилство, при што најголем број се евидентирани на подрачјата на СВР Скопје и СВР Штип.