Актерот на Битолскиот народен театар, Петар Мирчевски, е добитник на најпрестижното општинско признание на Битола за животно дело, наградата „4 Ноември“ за 2021 година. Мирчевски го доби признанието во конкуренција на пет кандидати, новинарот и фотограф Петар Ставрев, писателот Петре Димовски, професорката по англиски јазик Лилјана Спировска и специјалистот ортопед во пензија Томислав Зиновски.
Тој е актер со мошне богата театарска и филмска кариера. Во текот на своето 42-годишно континуирано настапување на својата матична сцена, Народниот театар – Битола, беше и остана еден од најангажираните и најекспонирани актери на македонскиот театарски простор. Има одиграно околу 170 премиерни изведби на дела од светската класика, како и од современата драматургија. Има снимено и поголем број ТВ-филмови, ТВ-драми, серии, кратки филмови, емисии од едукативен и забавен карактер. Веќе неколку години е селектор на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола. Играл покрај познати глумци како: Дејвид Венан, Џозеф Фајнс, Ванеса Редгрејв, Мики Манојловиќ, Богдан Диклиќ, Мустафа Надаревиќ, Раде Шербеџија. Соработувал со режисерите: Емир Костурица, Горан Марковик, Милчо Манчевски, Драган Бјелогрлиќ, Рајко Грлиќ, Иво Трајков, Раде Шербеџија, Дарко Митревски, Теона Митевска и други. Добитник е на голем број награди.
– Посебно сум среќен што сега, кога сум пред заминување во пензија, ја добив наградата за животно дело на мојот град, со што на најдобар начин се валоризира мојот труд. Признанието во својот роден град има посебна димензија, бидејки една стара поговорка вели дека најтешко е да станеш поп во своето село – вели Мирчевски. М.М.