Книгите за буквална и метафорична изолација, како што се „Стакленото ѕвоно“ на Силвија Плат, „Сто години самотија“ и „Љубов во време на колера“ на Маркес, забележаа пораст на продажба во светот. Кај нас е зголемена побарувачката на популарна психологија

За време на пандемијата луѓето се најдоа во ситуација да го променат стилот на живот. Една од најраните и најзабележителни промени што беа забележани за време на заклучувањето поради ковид-19 беше начинот на кој се консумираат медиумите и што се чита. Луѓето имаат тенденција да наоѓаат утеха во одредени книги, а навиките за читање и жанрот може да се променат за време на периоди на стрес.
Додека сè уште е релативно рано да се видат влијанието на коронавирусот и блокадата врз креативните индустрии, во раниот дел на пандемијата имаше неверојатни модели во потрошувачката на книги. Книгите за (буквална и метафорична) изолација, како што се „Стакленото ѕвоно“ на Силвија Плат и романите „Сто години самотија“ и „Љубов во време на колера“ на Габриел Гарсија Маркес, беа меѓу оние што забележаа голем пораст на продажбата.
Кај нас некои од издавачките куќи бележат пораст на читателска публика, а некои ни споделија дека сѐ се одвива со вообичаената динамика.
– За време на пандемија и на извесни рестрикции во движењето, особено во вечерните часови, нормално е луѓето да имаат повеќе време и интерес за читање.

Тековната ситуација ги промени на подобро навиките за читање кај луѓето, а причината за тоа, покрај слободното време, е и тоа што литературата отсекогаш претставувала еден од најприфатливите начини за заштита од опасностите на реалноста. Како издавачка куќа, покрај одличната понуда на нови наслови, по која нè препознаваат низ годините, се обидовме да смислиме креативни начини и акции преку кои ќе им ги направиме подостапни книгите на нашите читатели и ќе им го олесниме целиот процес на купување нови книги – вели Кристина Велевска, уредничка во „Антолог“.
И кога ќе направат една ретроспектива на оваа рестриктивна 2020 година, велат дека наишле на одличен одѕив од своите читатели.
– Веќе сме при крајот на годината и со гордост можеме да кажеме дека сè што понудивме оваа година – почнувајќи од првиот е-саем на книги кај нас, онлајн промоциите и гостувањата, па преку кампањите „Изолирај се со книга“ и „Заштити се со книга“, претставувањето на годишниот Саем на книгата, наградните игри и дарувања, а финиширајќи со шестото издание на фестивалот на европската литература „Букстар“ и активностите што ги правиме во овој претпразничен период – помина со одличен прием кај публиката.

Најголемите промени во однос на претходните години, секако, се во однос на онлајн купувањето. Препораките за намален физички контакт резултираа со зголемување на овој вид продажба во споредба со продажбата во физичките книжарници, па 2020 година беше вистинско време да му дадеме ново руво и на нашиот сајт, кој по долго истражување конечно е дизајниран да ги задоволи потребите и желбите буквално на сите купувачи – додава Велевска.
Меѓу насловите што се најбарани овој период таа вели дека може да се издвојат неколку наслови.
– Ќе споменеме неколку книжевни серии со мистерии што македонската публика буквално ги обожава: „Бастанската трилогија“ од Долорес Редондо, „Детската куќа“ од Исланѓанката Ирса Сигурардотир, новите книги за Херкул Поаро од Софи Хана, книгите за Шерлок Холмс од Артур Конан Дојл. Годинава нашата продукција ја збогативме и со наслови од областа на популарната психологија, како „Атомски навики“ од Џејмс Клир и „Моќта на цврстиот карактер“ од Анџела Дакворт, како и со книгите со совети за родителство од Хедвиг Монтгомери.

Секако, читателите сакаат и поемотивни, животни приказни, па оваа година особено беа популарни и шведските автори Софија Лундберј и Фредрик Бакман, од кого наскоро ќе издадеме и нова книга. Домашните автори годинава исто така доживеаја огромна популарност, па многу читатели си ги збогатија своите колекции со најновите дела на Жарко Кујунџиски, Владимир Јанковски, Денис Бојаров, Анде Јанков, Дијана Петрова, Марта Димитров. Меѓу најмладите читатели годинава најпопуларни беа: сликовниците „Неверојатната приказна за џиновската круша“ од Јакоб Мартин Стрид и „Уципуци си го бара домот“ од Зане Зуста и романот за деца „Голманката и морето“ од Марија Пар – додава уредничката.
И во книжарницата „Три“ бележат пораст на читаност и читателска публика.
– Изминативе месеци, соочувајќи се со сите промени што ни ги наметна глобалната пандемија, нашиот впечаток е дека тоа се одрази и врз читателскот одѕив. Со сигурност можеме да кажеме дека се зголеми интересот за читање, особено за онлајн продажбата, како едноставен и безбеден начин да се стигне до омилената книга. Времето поминато во карантин и далеку од нашите блиски, нè поттикна да се свртиме кон книгата, и сметаме дека ова соединување е поинакво, па можеме да го толкуваме како потрага по себеси (на едно ново ниво), потреба за охрабрување, утеха и отворање нови хоризонти – изјавија од „Три“.

Во нивната книжарница периодов најчесто се бара популарна психологија и мотивирачки книги, а секако има интерес и за духовната литература.
– Би ги издвоиле „12 животни правила“, „Бидете свој психотерапевт“, „Моќта на сегашниот миг“, „Нова земја“, „Внатрешен инженеринг“, „Будење“, „Будење на свеста“, „Моќта на потсвеста“ и „Моќта на самодовербата“ – велат оттаму.
Што се однесува до „Или-или“, побарувачката е стандардна во ова време на пандемија.
– Во меѓувреме издадовме многу нови наслови, се надеваме дека до крајот од годинава интересот на читателите ќе оди во нагорна линија – вели Игор Анѓелков од „Или-или“.