Двете номинации на „Медена земја“ за најдобар документарен и за најдобар странски филм се доказ дека документарците не треба да бидат номинирани само во нивната категорија и се достојни да застанат рамо до рамо со остварувањата кои се номинирани за најдобар филм, пренесува „Индивајр“.

Номинациите на „Медена земја“ се интересен подвиг кој докажува дека честопати документарните филмови не треба да бидат номинирани само во нивната категорија. Во 92-годишната историја на „оскарите“, документарец никогаш не добил номинација за најдобар филм. Пред да ги добие двете номинации, „Медена земја“ беше прогласен за ремек-дело во категоријата документарни филмови од страна на „Индивајр“. 

Со самото тоа што „Медена земја“ е еден од најдобрите пет документарни филмови, како и еден од петте најдобри филмови од странско говорно подрачје во 2020 година, се поставува прашањето, зошто да не се дозволи филмот да влезе во трката за номинацијата за најдобар филм? Можеби е крајно време документарните филмови да излезат од нивната категорија и конечно да бидат препознаени како рамноправни со наративните филмови за номинација за најдобар филм.

„Медена земја“ е документарен филм во режија на Љубомир Стефанов и Тамара Котевска, што го опишува животот на еден од последните номадски пчелари во Македонија.

– Пред повеќе од четири години започнавме една авантура наречена „Медена земја“, инспирирана од едноставните зборови на Атиџе, една извонредна жена која ни го промени животот. Таа вели „земи половина, остави половина“. Тогаш не бевме свесни колку далеку ќе стигне оваа порака. Двете номинации се јасен доказ за сите идни режисери. Како раскажувачи на приказни, ние се надеваме дека ќе продолжиме во нашата улога да го направиме светот подобар – велат режисерите на „Медена земја“.

„Медена земја“ е историски момент за „оскарите“ и докажува дека Академијата може да ги комбинира измислените наративи и оние кои не се фикција, а со тоа дополнително да ги поттикне раскажувачите на приказни од целиот свет.