Актерот, сценарист и режисер Коле Ангеловски објави автобиографска книга за 50-те години што работно ги поминал во Драмскиот театар – Скопје. Насловена е „Педесет години во Драмски… и клоцата во…“, а наедно, како што наведуваат рецензентите Сашо Тасевски и Свето Стаменов, книгата е и искрена приказна за самиот театар, за луѓето во него и со кои работел, за претставите што ги режирал, за успесите и наградите, но и за разочарувањата што ги доживеал.

– Мојот живот во Драмски, пред сè, беше огромната љубов кон театарот и луѓето во него. Ова е многу субјективна и носталгична приказна за работите што мене ми се случувале и, ако во овие мои писанија некој се почувствува навреден или обесправен, да знае дека не е со зла мисла, а може да е со намера – вели Ангеловски.