Првото издание на новооснованиот интернационален Скопски поетски фестивал ќе се одржи од 1 до 3 септември во Младинскиот културен центар со почеток во 19 часот.

На отворањето на фестивалот ќе читаат дузина поети на настанот наречен „Стихофренија“, тематско поетско читање посветено на народната поезија и фолклорот воопшто, а за таа цел читањето ќе биде и музички поддржано со настап на дел од членовите на ВИС „Тркалезна маса“. Ќе биде отворена и ликовна изложба на која 16 ликовни уметници и графички дизајнери ќе се претстават со свои дела што се директно инспирирани или комуницираат со конкретна песна на секој од поетите што ќе настапат на фестивалот.

Лидија Димковска

На втори септември, исто така со почеток од 19 часот, на истата локација, ќе бидат претставени поетите од странство: Сергеј Тимофеев од Латвија, Марија Дејановиќ од Хрватска, Танос Гогос од Грција, Ким Симонсен и Вонбјошт Ванг од Фарските Острови, како и македонската поетеса Лидија Димковска, а ќе се емитуваат и неколку куси поетски филмови.

Дел од нив се наменски снимени и инспирирани од песни на поетите што ќе читаат на интернационалната вечер, авторство на Валентина Бактијаревиќ од Србија, а остварена е и соработка со „Киноскоп“, фестивал на аналогни и експериментални филмови од Белград, Србија, чиишто организатори за фестивалот направија избор од шест куси поетски филмови од автори од САД, Јапонија, Германија и Канада.
За третиот ден на фестивалот, планиран е мастерклас, односно работилница за креативно пишување поезија што ќе се одржи преку платформата „Зум“ во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ ‒ Скопје и Институтот за македонска литература.
Работилницата ќе ја води Ким Симонсен од Универзитетот во Амстердам, кој вакви работилници одржал и на други универзитети, како што се „Оксфорд“ и „Станфорд“.

Ким Симонсен

Учесници-поети на фестивалот ќе бидат Павлина Атанасова, Биљана Стојановска, Лира Бојку , Ким Симонсен, Снежана Стојчевска, Диме Данов, Јулијана Величковска, Вонбјошт Ванг, Ива Дамјановски, Владимир Мартиновски, Лидија Димковска, Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Танос Гогос, Марија Дејановиќ и Сергеј Тимофеев.
Учесници-ликовни уметници и графички дизајнери ќе бидат Зоран Кардула, Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Андреј Павлов, Воскресија Андреевска, Тони Попов, Марио Каев, Калин Маловски, Диме Данов, Александар Иванов, Наталија Лукомска, Филип Мартиновски, Ива Јованова, Владимир Лукаш, Емилија Мишева и Владимир Илиевски.

– Фестивалот ќе може да понуди околу една четвртина од првично планираната програма, која најпрво беше преполовена поради недобивањето поддршка од страна на Министерството за култура (во два наврата), а дополнително е скратена заради актуелната состојба со ковид во државата. Сепак, и во вакви околности, одлучивме да го одржиме првото издание, главно со домашни поети, но и со пет странски поети, од кои дел ќе бидат лично присутни, а дел ќе се претстават со видеопроекции.
Дваесетина поети од регионот и од Европа изразија поддршка и го поздравија основањето на фестивалот со видеопораки и со песни, коишто можат да се видат на нашите Инстаграм и Фејсбук профили, како и на нашиот јутјуб-канал – велат организаторите.

Фестивалот е поддржан од град Скопје, од Младинскиот културен центар ‒ Скопје, како и од винарницата „Стоби“. Медиумски покровител е весникот „Нова Македонија“.