Романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ деновиве го доживува своето прво издание на друг јазик, во Украина. Преводот на украински е на Ана Багрјана (Анна Багряна), украинска писателка, поетеса и преведувачка, а романот е објавен од страна на издавачката куќа „Тврдина“. Тоа е првиот роман за возрасни на Билјана С. Црвенковска, кој беше и финалист за наградата „Роман на годината“.
Како што пишува писателката и рецензентка Калина Малеска, „Девет приказни за госпоѓица Сит“ е „обмислен и внимателно структуриран роман. Функционира и како збирка раскази и како роман составен од една основна приказна-рамка што содржи девет други приказни, низ кои се провлекуваат неколку заеднички лајтмотиви“.
Билјана Црвенковска е писателка, сценаристка, уредничка и преведувачка. Дипломирала на Институтот по филозофија на Филозофскиот факултет при УКИМ, а магистрирала на тема од областа на семиотиката и филозофијата на јазикот. Црвенковска пишува за деца и за возрасни и има објавено голем број романи, сликовници, песни и раскази.