Фото: Маја Јаневска-Илиева

Охрид, Струга, Ресен, Дебар и повеќе населени места во околината денеска немаат струја, а неофицијално, причината поради која без електрична енергија се над 100 илјади жители, е голем дефект на системот.

Според првичните информации, станува збор за дефект во високонапонската мрежа на МЕПСО, oдносно на два далекувода.

Поради прекинот, локалните жители имаат проблем и со мобилната телефонија и интернетот.

Засега нема информации кога би се санирале тековните проблеми. Според податоците, на терен се излезени екипи на државниот оператор МЕПСО кои, во отежнати временски услови, работат на санирање на дефектите.

Во тој регион од синоќа има обилни врнежи од дожд и снег на повисоките места, кој предизвикува проблеми и оштетувања.