Попладнево, на свечената церемонија која се одржа во Европскиот парламент, беше доделена престижната награда за филм „Лукс 2019“ (LUX Film Prize 2019) на македонскиот филм „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

Наградата беше врачена од страна на претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли, а ја прими режисерката Теона Стругар-Митевска, придружувана од главната актерка во филмот Зорица Нушева и продуцентката и актерка Лабина Митевска.

Филмската награда „Лукс“ е посветена на промоција на европската кинематографија, а првпат е доделена во 2007 година. За овогодишниот избор во селекција за наградата меѓу 10 финалисти во првиот круг влегоа дури два филма од Македонија. Жирито е составено од европратеници.

Покрај „Господ постои, името ѝ е Петрунија“ на Теона Стругар-Митевска за главната награда во финалната трка се најдоа и „Нерешениот предмет Хамарскјилд“ на Мадс Бругер (Данска / Норвешка / Шведска / Белгија), и „Ел Реино“ (Шпанија / Франција) од Родриго Сорогојен.

Филмовите селектирани за главната награда ЛУКС се фокусираат на клучнитe социјални и политички проблеми на денешницата, со цел зајакнување на европскиот идентитет. Преку илустрирање на разновидноста на европските традиции и европските интеграции, овозможуваат универзална примена на европските вредности.