Од 28 до 30 август, со поддршка од Делегацијата на Европската Унија и Агенцијата за филм, ќе се одржи првото издание на „Галичник филм фестивал“.

Новиот културен настан ја промовира уметноста на краткометражниот филм, но и нови филмски автори и нивните остварувања од регионот и пошироко.

Од пристигнатите повеќе од 2.000 краткометражни филма од целиот свет, селектирани се 50 во три натпреварувачки категории: игран, документарен и анимиран краток филм, информираат организаторите.

Ќе се прикажат неколку светски премиери, но и филмски наслови со учества на Венецискиот филмски фестивал, Фестивалот за краткометражни филмови во Палм Спрингс, Интернационалниот филмски фестивал во Торонто, Берлиналето, „Санденс“, ИДФА, Филмскиот фестивал во Сараево, а сега достапни и пред македонската публика.

Една од новините што ги носи фестивалот е и филм што претставува филмувана верзија на театарска претстава – нова хибридна форма, која зазема сѐ поголем замав.

Домашните автори имаат значајно место во програмата на „Галичник филм фестивал“. Публиката ќе има можност да ги види филмските достигнувања на режисерите Марко Џамбазоски, Ибер Деари, Горан Димов и Ајдин Ислами.

Како важен дел од фестивалот се најавува и одржувањето работилницата за развој на сценарио за долгометражен филм, под водство на Франц Роденкиршен и Франсоа фон Рој, познати како „Солас 23“, кои важат за едни од најактуелните консултанти за сценарио во филмската индустрија.

На отворениот повик за автори од регионот биле избрани 4 проекти, меѓу кои и проект од нашата земја „Слатката горчина на зрелите калинки“ на Андреј Волкашин.

„Среќни сме што нашиот фестивал со оваа работилница ќе биде едно скалило до премиера на 4 проекти“, изјави Марко Црногорски, програмски директор на „Галичник филм фестивал“.

Програмата на фестивалот годинава ќе се одвива целосно онлајн. Таа е бесплатна за проследување за домашните љубители на краткиот филм во рамките на платформата Цинесqуаре. Сите филмови се со времетраење до 30 минути и датирааат од последните две години.

В година фестивалот има намера да се врати на својата основна идеја за организација на проекции под отворено небо на 1.500 метри надморска височина во прекрасниот Галичник, кој ќе стане дом на фестивалот.

Сите заинтересирани повеќе информации за годинешното издание може да добијат на фејсбук-страницата на фестивалот.