Британскиот диригент Румон Гамба во својата досегашна кариера бил на неколку значајни позиции

„Виолински класици“ е насловен концертот на оркестарот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи вечерва, во 20 часот. Како солист ќе настапи виолинистот Александар Димчевски, а диригент е Румон Гамба од Велика Британија. На програмата се увертирата „Земја на планина и поплава“ од Хамиш Меккан, Концертот за виолина и оркестар од Макс Брух и Симфонијата број 7 од Антонин Дворжак.

Британскиот диригент Румон Гамба во својата досегашна кариера бил на неколку значајни позиции, меѓу нив и шеф-диригент и музички директор на шведската оперска компанија „Норланд опера“, симфонискиот оркестар „Алборг“, Симфонискиот оркестар на Исланд. Маестро Гамба особено се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Дин со симфонискиот оркестар „Би-би-си“, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со „Норланд опера“, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонијата бр. 5 од Сибелиус…

Виолинистот Александар Димчевски се етаблира како сестран уметник, настапувајќи како солист, камерен музичар, како концерт-мајстор, но и како педагог. Роден е во Франција, во руско-македонско семејство, а виолина почнал да учи со својот татко, реномираниот уметник Благоја Димчевски, поранешен ученик на Јуриј Јанкелевич, продолжувајќи го традиционалното руско училиште за свирење на виолина. Александар Димчевски во моментов свири на виолина од 1754 година, изработена од Карло Фердинандо Ландолфи.

Увертирата „Земја на планина и поплава“ (1887) премиерно ќе биде изведена на македонската сцена, а нејзиниот автор, шкотскиот композитор Хамиш Меккан, најголемата популарност, всушност, ја стекнал токму со ова дело. Во 1970-тите години, увертирата беше искористена во шкотската ТВ-серија „Законот на Сатерленд“ и, на некој начин, неговото име повторно почна да се слуша во јавноста. Виолинскиот концерт во Ге-мол е најизведуваното и најпознато дело на германскиот композитор Макс Брух, иако тој зад себе оставил голем број други импресивни творби, кои претежно ги обликувал со боите на народните песни за кои особено се интересирал. Симфонијата бр. 7 поседува богатство од тематски идеи – од темни и мрачни до пасторални, со прекрасни мелодии што ја дефинираат целокупната атмосфера. Се смета за структурно најамбициозна симфонија на Дворжак, иако неговата Деветта е најпопуларна.