Светот е сцена
Музејот „Бојманс ван Беунинген“ во Ротердам е првиот музеј што е целосно отворен за јавноста и истовремено ги изложува сите свои уметнички дела, пишува „Еуроњуз“. Музеите, по правило, постојано изложуваат дел од нивната севкупна колекција.
Но овој холандски музеј стана пример за нова уметничка визија. Опишан е и како музеј на иднината. Дизајниран е во форма на Ноевата арка и е замислен како „магацин“ во кој може да се изложат сите 151.000 експонати одеднаш. Многу од уметничките дела што сега се изложени, порано беа складирани во подрумот на музејот.
– Секоја зграда, ако е добра, сведочи за духот на времето. Таа дефинитивно ја слави климата. Зошто? Затоа што тоа е причината за постоењето на овој објект. Претходната архива беше под вода, поплавена, па моравме да ја подигнеме – вели архитектот Вини Маас, автор на уметничкиот склад во музејот „Бојманс ван Беунинген“.
Маас додава дека овој објект сака да ѝ го изложи на јавноста она што досега беше затворено. Музејот сака да ги покаже своите архиви, но и да ја преслика околината.
Уметничките дела ќе бидат изложени на пет ката, каде што ќе има различни температури. Посетителите ќе можат да видат и некои помалку познати дела на мајстори како Салвадор Дали и Винсент ван Гог.
– Има некои слични складишта во светот, но тие се или многу мали или само одбрани луѓе можат да уживаат во нив, бидејќи се приватни колекции. И важно е да се прикажат делата, бидејќи во спротивно паѓаат во заборав. Далеку од очите, далеку од срцето – изјави Сјарел Екс, директор на музејот.