Во галеријата „Остен“ е отворена четвртата самостојна изложба на уметницата Ивана Мојсовска. „Филинг кјут, мајт делит лејтр“ е проект што вклучува седум слики изработени со колаж и масло/акрил на платно. Оваа серија на слики Мојсовска ја развива во последниве две години, инспирирана од нашето постоење во ова (не)време, во кое владеат емотивна фрагментираност и ултимативна осаменост за која никој од нас не говори. Делата на Мојсовска обземаат со својот интензитет, сексуална тенденција, осаменост на субјектот во просторот и нашиот поглед што (не)заслужено продира на места каде што, можеби, и не му е место.
Ивана Мојсовска во 2020 година ги завршува своите магистерски студии на ФЛУ, со самостојна изложба во МКЦ, насловена „Запознај ја водата“. Во последнава година остварува контакт со уметничка куќа во Мужа, Франција, каде што изложува свои дела. Добитничка е на наградата „Четирите мајстори на модернизмот“ на ФЛУ. Делата на Мојсовска, кои вклучуваат слики, танцови перформанси, инсталации и фотографија, говорат за нејзиниот диверзитет, додека експресивноста како правец е задржана во целиот опус.