Украина 2022: Полигон за тестирање нови и стари оружја (2)

Стотината километри, колку што го делат Киев од границата со Белорусија, станаа вистински гробишта на најпознатите советски, а веројатни и светски тенкови „Т-72“. Лесно или средно блиндираниот тенк, движејќи се во праволиниски колони, стана идеална цел за илјадниците рачни противоклопни лансери „џавелин“, со кои САД со години ја снабдуваа украинската армија. Очигледно некој генерал во Пентагон прецизно предвидел што ќе се случува во Украина и за „новопечените“ сојузници го обезбедил идеалното оружје што може да им нанесе најмногу штета на вечно омразените Руси.
Но иако рускиот генералштаб скапо го плати првиот дел од војната, набрзо се констатира дека брзото напредување во вакви услови на теренот не е можно, па тенковите почнаа да се користат многу поразумно. Односно почнаа да се користат токму за она за што се наменети, како втор бран за напад по авијацијата, ракетите и тешката артилерија и особено како идеално средство за држење на веќе освоените позиции.
Па, така, во офанзивите во Луганск и Донецк загубата на тенкови беше драстично намалена. Потврдено е изгубен само еден или два современи руски тенкови „Т-90“, загубата на „Т-72“ е падната за речиси 90 отсто, а интересно е што во активна употреба се вратија дури и советските „Т-64“, кои се ставени на лента за забрзана модернизација и се очекува набрзо да почнат да пристигнуваат на теренот повеќе стотици или вкупно илјада од нив. Дури и западните експерти предвидуваат дека оваа голема бројка ќе биде доволна да се задржи голем дел од окупираните територии. Ова, секако, важи до периодот додека Украина навистина не добие нова авијација (како што ѝ е ветено) и повторно не завладее со своето небо. Но за тоа има уште многу време.

Велика Британија сѐ уште владее со брановите

Технички гледано, сепак, најголем шок на целокупната војна беше загубата на командниот брод на црноморската флота – ракетниот крстосувач „Москва“. Станува збор за третиот најголем брод во целокупната руска морнарица, кој веројатно го има најдобриот противвоздушен систем на светот. Значи, пластично кажано, тоа е брод заштитен од воздух еднакво како цел главен град на држава. На него беа инсталирани десетици противвоздушни проектили со дострел над 200 километри (бродска варијанта на легендарниот „С-300“). Поседуваше дури два система за одвраќање ракети на средно растојание (софтверски и механички) и како последна линија на одбрана беа системите „каштан“ (претходници на „панцир“), кои истовремени исфрлаат стотици куршуми и мини-ракети само за една секунда. Просто кажано, противвоздушна одбрана што не само што е доволна да го заштити самиот брод туку и цела групација бродови околу него.
Украинците тврдеа дека ја решиле оваа загатка испраќајќи два турски дрона од типот „бајрактар“, кои наводно ја збуниле одбраната, па ракетите од домашно украинско производство „нептун“ успеале да се пробијат и да ја завршат работата. Но ова е идеална приказна, која е доволно писмена за да поверуваат широките народните маси, а во суштина намерно премногу општа за експертите да сфатат дека нема никакви врска со реалноста.
Единствениот начин ракетите со толкав дострел и толкава разорна моќ да стигнат до крстосувачот е ако неговата противвоздушна одбрана била исклучена на момент или на неколку минути. Засега во светот ваква технологија (која дигитално може да онеспособи цел современ брод на далечина) потврдено имаат само САД и Велика Британија. Веројатно никогаш нема да се дознае точно што всушност се случило, но логично е да се претпостави дека експертите на една од овие две најмоќни светски морнарици ѝ пресудиле на гордоста на руската морнарица – гвардирниот крстосувач „Москва“.
Вториот аспект што треба да се анализира се фотографиите што излегоа и кои покажуваат огромни оштетувања на трупот на бродот. Со оглед на џиновскиот депласман од над 12.000 тона и оклопеноста на трупот, за да се постигне ваков ефект е потребна многу поголема ракета од украинските „нептун“ или, пак, потребна е високопрецизно наведувана ракета, која точно ќе погоди во магацинот на оружје. Украина не го поседува и не е способна да го направи ниту едното ниту другото.
Втората голема загуба за Русија овие месеци беше оштетувањето на двата клучни гасовода (Северен ток 1 и 2) во близината на бреговите на Данска и Шведска. Не само руските туку донекаде и независните шведски експерти потврдија дека огромните дупки на дното на морето можеле да се направат единствено со човечка саботажа или евентуално со помош на некој напреден дрон. Ако се анализира присуството на воени и прикриени цивилни бродови за воена намена во конкретниот период на конкретниот простор, лесно може прстот да покаже кон Лондон и најелитните единици на неговата навистина морнарица за респект.
Но ова не беше крајот на руските главоболки на море. Најголемиот срам се случи неодамна, среде пристаништето во Севастопол (едно од најбезбедните на светот, како поради воени така и поради идеални природни фактори). Таму во повеќе наврати беа нападнати не само големите десантни бродови туку и двете современи фрегати од класата „Адмирал Григорович“, кои се сметаат за едни од најдобрите воени бродови во светот. И најважно од сѐ – не само што бродовите беа напаѓани со дронови камикаѕи од воздух туку и првпат беше забележана борбена употреба на морски или подморски дрон во историјата на војувањето.
Повеќе од очигледно е дека, без оглед на целото искуство што го има Украина во военото производство уште во советско време, оваа екстремно напредна технологија со импресивни можности дефинитивно доаѓа од Запад. Неа ја поседуваат или САД или Велика Британија, а сѐ погласни се шпекулациите дека таа доаѓа од Лондон или барем преку Лондон.

Артилеријата е оружје за сите времиња

Она што дефинитивно ја спаси Русија од целосно фијаско уште во првите два месеца од војната дефинитивно беше брзата промена на стратегијата во добро проверениот конвенционален модел.
Тоа значеше следново: ако авијацијата е неспособна навремено и детално да го расчисти теренот за брзонапредувачките тенкови, тогаш се оди на побавната варијанта, каде што се користи застарената и евтина артилерија без никакви ограничувања ни во средства ни во време. Тоа значи дека одреден квадрат од географската мапа буквално се претвора во паркинг-плац пред воопшто да се премине на следниот. На тој начин Русите ги освоија и Мариупол и Мелитопол, како и стратегиски најважниот Северодонецк. Ова исто така важи за сите до една од добиените битки на истокот и југот на Украина и борбите за секое помало населено место. И покрај тоа што Западот се обиде адекватно и брзо да ги снабди Украинците со соодветна тешка артилерија за да можат да возвратат, тоа не дава плод на теренот.
Причините се едноставни, Русија како прво имаше огромни количества резерви артилериска муниција од советско време (која полека ја истрошува), исто така сѐ уште има активни фабрики што евтино и брзо може да ги произведат потребните калибри. Дополнително, многу е полесно да се донесе ваков тип муниција од фабриките по должината на Волга или во подножјето на Урал отколку истите тие да се влечкаат од САД, преку базите во Германија, па преку Полска, до фронтот. И најважно од сѐ, иако американското топовско ѓуле/проектил докажано е многу попрецизно од руското, тоа е толку скапо што никогаш не може да се произведе во количества доволни за да се стекне надмоќ на фронтот. Зборуваме за фронт каде што противникот истрелува и по неколку илјадници тешки артилериски проектили дневно..

Дејан Азески

Авторот е член на меѓународниот институт ИФИМЕС

(продолжува)