Свети Николе / Фото: „Нова Македонија“
  • Засебниот природен и културен регион Овче Поле – Овчеполие – ја опфаќа пространата Овчеполска Котлина, која има доволно културен капацитет и туристички потенцијал за да биде определена како посебен регион на кој му е потребно внимание, не само за да се зачуваат културата и традицијата туку и да се одржи економијата, а со тоа да им се покаже практичен пример и на другите региони во Република Македонија

Името на централната населба во Овчеполието, градот Свети Николе, е топоним што во својата сегашна форма се користи во официјалните документи од околу 1945 година. Свети Никола – името на старата населба околу којашто се наоѓа денешниот град – го прави Свети Николе единствен град со име на светец во Република Македонија. Дури и да не се направи никаква промена, односно враќање на старото име на градот, топонимот сведочи за единственото име на светец на некоја градска населба во Република Македонија, па и регионот. Тоа е одлична можност не само за вклучување во целосното брендирање на Овчеполието туку и за идно збратимување на овој мал град во Македонија со Бари во Италија, каде што се чуваат моштите на Свети Никола Чудотворец. Прославувањето на празникот на Свети Никола на 19 декември во Македонија и празникот на пренесување на моштите, кој според календарот во Италија се одбележува на 9, а во Македонија на 22 мај, е уште еден предизвик за идна соработка и посети меѓу Свети Николе и Бари, но и враќање на традицијата на празнување на Летен Свети Никола во нашите краишта. На оваа тема, како додаток на постојните одбележувања, можат да се додадат многу истражувања, книги, конференции, филмови, па дури и фестивали посветени на Свети Никола. Така би се покажала волја за зачувување на културната традиција, но и продолжување на нејзиното влијание врз општеството, развојот на туризмот би бил неизбежен, а со тоа и растот на целата економија.
Самото име на големата котлина – Овчеполие, Овче Поле, Овчеполска Котлина – потекнува од древното именување на „полето на овците“, кое е резултат на реткиот вид овци што потекнуваат од овој регион – овчеполки. Вклучувањето на сите релевантни фактори поврзани со одржувањето на родот овчеполка и зголемувањето на стадата се неопходни за стратегијата за туристички развој на овој предел.
Истражувањето на топонимијата, пишаните извори, духовното и материјално културно богатство претставуваат и идни ресурси за развој на туризмот. Големиот број цркви, археолошки локалитети, стари чешми и култни камења се туристички ресурси, кои за да бидат разумно употребени во каква било стратегија, прво треба да се доистражат, да се проучат и да се заштитат. Скорешната потврда за постоењето на нов палеолитски локалитет во месноста Узун Мера кај Мустафино, постоењето на неколку од најстарите локалитети од неолитот на територијата на Република Македонија – Руг Баир кај Горобинци, Алин Дол кај Немањици и Барутница кај Амзабегово, се дополнителен ресурс што треба да биде употребен од менаџментот на туризмот во Овче Поле. Археолошкиот локалитет Билазора кај Кнежје, каде што археолозите веруваат дека се наоѓал древниот антички град Бела Зора, е значаен културен и туристички ресурс, каде што со мали интервенции може да се овозможат туристички посети, но и треба да се направат напори за заштита и конзервирање, дури и реставрирање. Импозантноста на архитектурата е предизвик за одново градење на дел од срушените столбови и градби, со што на само неколку километри од Свети Николе би се добила туристичка атракција со непроценлива вредност. Одржувањето во живот на старите храмови и обновувањето на црквите, кои се вистински сведок на времето, е предизвик што чека со децении, а организирањето детални археолошки истражувања сѐ уште е само повремено и краткорочно, речиси и без никаква туристичка примена на постојното културно наследство.

Подигање на општествената одговорност, подобро организирање на социјалниот живот, инвестиции во спортот и младите, еколошки акции, културни настани и уште многу потребни случувања се неопходни во општеството за да се предизвика активно вклучување на локалното население во туристичката понуда. И во сегашната состојба и услови, сточарството и земјоделството можат да бидат вклучени во дел од туристичките услуги, дури и во целиот продукт, кој би се формирал преку организација на туристичката дестинација Овче Поле. Засебниот природен и културен регион Овче Поле – Овчеполие – ја опфаќа пространата Овчеполска Котлина, која има доволно културен капацитет и туристички потенцијал за да биде определена како посебен регион на кој му е потребно внимание, не само за да се зачуваат културата и традицијата туку и да се одржи економијата, а со тоа да им се покаже практичен пример и на другите региони во Република Македонија. Поради скромниот сместувачки капацитет, недостатокот на локален туристички центар и обучени водичи, како и моменталната состојба на атракциите, потребна е итна адаптација за посетители. Во меѓувреме, соработката со сместувачки капацитети, водичи и агенции од соседните региони и странство е неизбежен чекор за одржлив развој. Поради географската поставеност на Овчеполието и многуте потенцијални транзитни туристи и посетители, адаптирањето на туристичката понуда треба да биде во сооднос со неискористените побарувања на пазарот, особено од искусните туристи, кои се умешни во снаоѓање, лоцирање на атракциите и во користењето на новите технологии. Затоа, на барем три точки во Овчеполската Котлина (железничката станица Овче Поле, Ѓуриште и Манговица) треба да се направат туристички станици и (или) автокампови. Туристичка станица во Овче Поле би била локација со овозможени услови за паркинг, кампување, тоалет, мапа, бесплатна интернет-зона, бесплатен телефон за комуникација со центарот за управување со туристичката дестинација, опрема за прва помош, простор за одмор и сл. Многуте напуштени објекти и куќи во селата претставуваат неупотребен туристички ресурс, а создавањето уникатна и засега единствена по новитетите туристичка дестинација Овче Поле е предизвик за секој менаџер со визија за иднината. Разумното употребување на природните ресурси и културното наследство ќе биде само во полза на развојот на туризмот во Овчеполската Котлина.

Сегашна состојба на туристичките ресурси во Овче Поле

Во централната населба на Овче Поле – Свети Николе – се поставени неколку патоказни знаци, кои ги покажуваат далечината и правецот до археолошкиот локалитет што научната јавност го нарекува Билазора, според древната престолнина на старите Пеонци – Бела Зора. Во самата близина на локалитетот има ист таков знак, кој покажува кон она што треба да биде пат за возила до висорамнината каде што можат да се видат остатоци од дамнешен древен град. Посетите на црквите и манастирите се најчести на деновите кога се одбележуваат празници, но за истите тие нема патоказни знаци, ниту организиран превоз, иако во над десетина храма во Овчеполската Котлина секоја година во различни месеци се собираат стотици, па и по неколку илјади луѓе, а доаѓаат и многу гости од цела Македонија и од странство. Посетите на мистичните камења и култните води и традицијата на Говедар Камен ја прават котлината привлечна и за потенцијалните туристи, кои се во потрага по мистични, автентични и ритуални искуства. Огромниот камен ѕид, нарекуван Редени Камења или Ѓаволски Ѕид, кој се наоѓа меѓу ридот Богословец и реката Брегалница, е поставен на локација до која не може секој да пристигне. И покрај тоа, истиот тој е вклучуван во речиси сите постојни агенди, стратегии и програми за развој на туризмот, не само во регионот туку и во целата држава. Местото пленува со својата мистичност, но сепак не е препорачливо посетување доколку не се познава теренот и се нема искуство со слични патеки. Секогаш ќе биде отворена можноста за отворање пат по кој би се движеле теренски возила и мотоцикли, како и обележување патеки за туристи, велосипедисти, рибари, планинари, авантуристи и посетители. Во тој дел од Овче Поле се наоѓа и „киселата вода“, природна минерална вода што народот ја користи за лекување различни болести.
Многубројните споменици паметници од Втората светска војна се запуштени и оставени на временските услови и природните околности, што ги прави недостапни за заинтересираните туристи. Старите чешми, од кои многу уништени, ретко се градат одново, но животот што преку водата постои каде што се наоѓаат ги прави места на кои вистинските туристи секогаш застануваат, но и одмораат за време на прошетките. Естетската вредност на градбите, издлабените симболи и старите камени блокови ги прави овие локалитети исклучително привлечни за развој на специфична туристичка патека. Сепак, нивната валоризација мора да оди рака под рака со строга заштита на природниот и културниот амбиент, со цел овој ресурс да се зачува во својата изворна форма и за идните генерации.
Солената земја, која во вековите назад давала можности за одгледување овци од кои се произведувало надалеку познатото овчеполско сирење со специфичен мирис и вкус, во втората деценија од 21 век не се употребува за таа намена, иако храната, дел од традиционалните начини на приготвување на јадењето, заедно со традиционалните овчеполски сирења и пастрмајлии се уште еден неупотребен потенцијал за развој на туризмот.
Положбата на Општина Свети Николе во централниот дел на Овчеполската Котлина ја позиционира како одлична дестинација за транзитен, рурален, религиозен, рекреативен, здравствен, археолошки и агротуризам. Развојот на овие алтернативни форми на туризам, управувани преку модел на одржливост, ќе послужи како главен двигател за сеопфатен економски развој и зајакнување на локалниот бизнис-сектор во целиот регион.

(продолжува)

м-р Никола Ристевски

Авторот е магистер по маркетинг-менаџмент, публицист и продуцент