МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК МЕЃУ НАУКАТА И ПОЛИТИКАТА (7)
Во претходните шест продолженија се обидовме да покажеме дека македонскиот литературен јазик не се појавил одеднаш во XX век, туку претставува резултат на еден долг историски развој, чии корени водат уште до словенската писменост, Охридската книжевна школа, средновековните ракописи, грамотите, дамаскините, македонските преродбеници и Крсте Петков Мисирков. Тој развој добил своја институционална потврда со кодификацијата во 1945 година, но не започнал тогаш.
Сосема природно се поставува прашањето: дали овој различен историски развој се одразил и врз самиот јазик?
Одговорот на современата славистика е недвосмислен – да.
Македонскиот и бугарскиот јазик се сродни јужнословенски јазици. Тие имаат заедничко словенско потекло, му припаѓаат на Балканскиот јазичен сојуз и делат голем број заеднички особености. Но, истовремено, тие повеќе од еден милениум се развивале по различни патишта. Затоа денес разликите меѓу нив не се ограничуваат на неколку збора или на различен изговор. Тие постојат на сите јазични рамништа – во правописот, фонетиката, граматиката, синтаксата и во лексиката. Токму затоа современата лингвистика не ги третира како варијанти на еден јазик, туку како два сродни, но самостојни словенски литературни јазици.
Различен правопис и различна азбука
Иако и двата јазика денес користат кирилица, тие не ја користат истата азбука. Македонската азбука содржи букви што не постојат во бугарската (ѓ, ќ, љ, њ, ѕ, џ), додека бугарската го задржала ъ, кое не е дел од македонската азбука. Различни се и правописните решенија, правилата за пишување одделни гласови, употребата на големата буква и дел од интерпункциските правила. Тоа покажува дека и на правописен план двата литературни јазика се развивале самостојно.
Различен граматички систем
Најпозната граматичка разлика е членскиот систем. Македонскиот јазик развил троен определен член (книгата, книгава, книгана), со кој, покрај определеноста, се означува и просторниот однос кон предметот. Бугарскиот јазик има само еден определен член. Ова не е само формална разлика, туку различно организирање на именскиот систем.
Разлики постојат и во глаголскиот систем. Македонскиот литературен јазик располага со побогат систем на глаголски времиња и различно функционирање на нивните значења. На пример, аористот се образува само од свршени, а имперфектот само од несвршени глаголи, додека во бугарскиот тоа ограничување не постои. Различно се развиле и системите на резултативноста, минато-идното време и евиденцијалноста. Иако овие разлики можеби не се веднаш забележливи за секој говорител, токму тие претставуваат едни од најсигурните показатели за самостојниот развој на двата јазика.
Различна синтакса
Разликите продолжуваат и во синтаксата. Во македонскиот јазик удвојувањето на директниот и индиректниот предмет претставува редовна појава (Го видов Петар; Му ја дадов книгата на брат ми), додека во бугарскиот литературен јазик овие конструкции функционираат поинаку. Различна е и употребата на кратките заменски форми во посвојна функција. За лингвистите токму ваквите синтаксички особености претставуваат едни од најсигурните показатели за самостоен јазичен систем.
Лексиката не го определува идентитетот на јазикот
Во јавноста често се повторува тврдењето дека во македонскиот литературен јазик се среќаваат лексички заемки од српскиот јазик. Тоа е природна последица на повеќедеценискиот заеднички општествен, културен и медиумски простор во рамките на поранешна Југославија, кој неминовно довел до заемно влијание меѓу јазиците. Слични појави се забележуваат и во словенечкиот јазик. Но никој сериозен лингвист не го определува идентитетот на еден јазик според бројот на заемките што ги примил од друг јазик.
Истото тоа важи и за бугарскиот јазик. Во текот на XIX и XX век, особено во административниот, научниот и публицистичкиот стил, во него навлегуваат многубројни русизми. Во исто време, врз развојот на бугарската граматичка терминологија силно влијае руската филолошка школа, која ја утврдува и употребата на термини како причастие и деепричастие во современата бугарска граматичка традиција. Но никој поради тоа не тврди дека бугарскиот е руски јазик.
Тоа е сосема природно. Лексичките заемки, па дури и влијанијата врз научната терминологија, никогаш не се критериум за определување на идентитетот на еден јазик. Сите европски јазици заемале зборови од соседните или од културно влијателните јазици. Македонскиот не е исклучок, исто како што тоа не е ниту бугарскиот.
Науката не ги мери јазиците според политиката
Ниту еден јазик не се определува според тоа од кого позајмил зборови. Неговиот идентитет се утврдува според историскиот развој, дијалектната основа, книжевната традиција, фонолошката и граматичката структура, синтаксата, лексиката и сопствената јазична норма. Токму според тие критериуми, прифатени во современата лингвистика, македонскиот и бугарскиот претставуваат два сродни, но самостојни словенски литературни јазици.
Разликите меѓу нив не се создадени со политички договори, ниту со кодификацијата на македонскиот литературен јазик во 1945 година. Тие се обликувале постепено, во текот на повеќе од еден милениум: од различните книжевни традиции на Охрид и Преслав, преку средновековните ракописи, грамотите и дамаскините, до преродбенските идеи, Мисирков, АСНОМ и современата кодификација.
Политиката може повторно да отвора прашања што науката одамна ги затворила, но не може да ги избрише историските извори, книжевните споменици и јазичните факти. Македонскиот јазик не е политичка конструкција, туку јазик со сопствен историски развој, сопствена книжевна традиција, сопствена норма и свое неспорно место во семејството на современите словенски јазици.
Елка Јачева-Улчар
(Крај)
































