Која е демократската формула за инклузивно општество и безбедна држава?

Фељтонот во девет продолженија „Македонски состојби: Детали и глобали за изборна вртоглавица (Homo politicus наспроти Homo transitionis)“, од авторот Сотир Костов, на читателите им нуди сестрана анализа на појавите, процесите и односите во нашата држава и општество во целост, давајќи одговори на повеќе провокативни прашања: има ли демократија во политичките партии, зошто немаме демократска политичка култура, за аномичното општество и дали нашето општество е „едно општество за сите“, за алката/условот што недостига за владеењето на правото…

(Неопходна ни е демократизација на демократијата)

Македонски состојби: Глобали и детали за изборната вртоглавица (9)
(Homo politicus наспроти Homo transitionis)

17. Партиите, преку своите акции и целокупно дејствување треба на младите да им пренесуваат пораки за демократијата, духовноста, патриотизмот. На тој начин кај нив ќе ги поттикнат иницијативноста, имагинацијата, инвентивноста и креативноста. Со нови млади генерации во политиката, имаме шанса да оствариме најдобра можна демократија. Демократија што ќе го достигне врвот. Тоа со маргинализирани државни институции, поради коруптивното однесување на партиите на власт, непотизмот и кронизмот на сегашните политички структури, тешко дека ќе го постигнеме. Она што во актуелниот миг ни е потребно е демократизација на самата демократија.
Политичките партии мора да се навикнат многу повеќе и уште подобро да соработуваат со граѓанскиот сектор. Во таа смисла, охрабрувањата за силна граѓанска култура се неопходни и повеќе од потребни – сега и тука. Само така граѓанската сфера ќе биде поттикната од власта, која, пак, од своја страна, е нејзина културна основа. Кога на овој двоен сооднос власт/влада – граѓански сектор/граѓанско општество се додава и економијата, го добиваме триножното столче на демократијата за кое зборува Ентони Гиденс и додава дека тие треба да бидат урамнотежени (Ентони Гиденс, „Забеган свет“, Филозофски факултет, Скопје, 2003).
18. За младата популација политиките на партиите треба многу повеќе да обезбедат критичка комуникација во врска со прашањата на културата и моралот. Сѐ треба да започне со изборите, изборните кампањи и политичката култура практикувана во нив. Треба да се напуштат спинувањето, невистините и нереалните ветувања, бидејќи со спин-техниките и изборната понуда и продажба на изборни бенефиции, се замаглуваат постојните горливи проблеми (корупција, невработеност, организиран криминал, непотизам, иселување на младите). Значи, со право може да се констатира дека политичкиот маркетинг, сѐ уште, во најголема мера, е tera incognita, за најголемиот број политички партии и нивните советнички тимови. И тоа не е сѐ. Политичарите, и понатаму се еден вид persona non grata во вистинскиот свет на политички маркетинг во кој има креативна содржина и политичка есенција, а не само празна форма или разубавена фасада.
Неопходен е повеќе содржаен социјален маркетинг, а помалку, или сведен на минимум, море и зиро ниво, зашеќерен (нереално разубавен) и блазиран (рамнодушен, заситен, затупавен) изборен политички маркетинг. Само така изборите и изборните кампањи ќе бидат во функција на демократските процеси и наместо да ги загрозуваат, ќе ги развиваат.

19. Политиките на политичките партии треба многу повеќе да се потпираат на убедувања за да уверат, а не врз принуда за да потчинат, во смисла на дисциплинираност и послушност. Ова особено важи за нивниот однос кон граѓаните избирачи. Со текот на годините, политичките партии во Македонија или намалуваа цензуси за да имаме успешни избори (претседателски и за градоначалници) или се соочуваа со постепено намалување на одзивот, а зголемување на апстиненцијата на избирачите на денот на изборите. Еве еден краток преглед на процентуален одзив на парламентарни избори: 1990 г. – 84,8 отсто одзив (прв круг) и 76,8 отсто одзив (втор круг); 1998 г. – 72,9 отсто одзив (прв круг) и 69,4 отсто одзив (втор круг); 2006 г. – 55,98 отсто одзив; 2008 г. – 57,99 отсто одзив; 2011 г. – 63,48 отсто одзив; 2014 г. – 62,96 отсто одзив; 2016 г. – 66,79 отсто одзив и 2020 г. – 52 отсто одзив. Никој не зборува за овој тренд, кој сега веќе е непобитен факт. Сите политички чинители како да го премолчуваат или маргинализираат. Зошто? Од едноставна причина што тој е првиот индикатор за поткопаниот легитимитет на избраните политичари и на победничките партии или коалиции, но и на владејачките политички структури.
Прв чекор за подобрување на оваа незадоволителна состојба е неопходноста партиите на надворешен план да практикуваат јавен демократски дијалог, во вистинска смисла на зборот, а не декларативно. Истовремено, на внатрешен план конечно да ја воведат внатрепартиската демократија и постојано да ја негуваат и развиваат.
20. Јавните политики мора да создадат систем на образование на државно ниво што ќе значи вистинска поврзаност на истото тоа со демократијата, т.е. едното ќе го унапредува другото и обратно. Потребно е образование што ќе биде придвижувач на реформирање на општеството. Таквиот вид на образование ќе ги шири контактите помеѓу поголем број различни луѓе и ќе ја намали ексклузивноста на привилегираните групи.

21. Демократските вредности и навики мора да се предаваат и да се во центарот на вниманието на образованието и да се пренесуваат низ секојдневниот живот во нашето општество, низ нашите државни институции, нашите медиуми, нашите граѓански здруженија, низ деловните субјекти и низ многубројните други субјекти што на граѓаните им овозможуваат меѓусебно да опстојуваат во интеракција и да поседуваат чувство на вклученост, ангажираност и корисност. Неопходно е во иднина низ процесот на образование и социјализација да се создаде критична маса на добро образование, граѓански либерално ориентирани луѓе што веруваат во демократските институции и ги знаат своите права и обврски. Граѓаните мора да бидат добро информирани, активни и да веруваат дека нивната улога во политичкиот процес е важна и влијателна. Граѓаните треба да бидат доволно силен глас, кој ќе бара одговорност од власта за нејзините одлуки, и само така и никако поинаку ќе бидат достојни репрезенти на граѓанската култура во демократијата. Тогаш можеме да сметаме дека шансите за демократската стабилност на македонското општество не се мали и можат да ја издигнат македонската демократија на едно повисоко ниво. Најдобра заштита на едно демократско општество се квалитетно образовани граѓани, вклучени во демократските односи и процеси на општеството – граѓани што со директно учество и ангажираност ја создаваат и развиваат демократијата. Така ќе добиеме добри и вклучени граѓани во ангажирано граѓанско општество со развиена демократија („Да се создаде општество во кое ќе владее народот е секако корисна работа, но знам дека уште покорисно од тоа е да се одгледа – воспита, образова – народ за таков вид на владеење“, Жан Жак Русо).
22. Власта во секоја држава, па и во Македонија, треба и мора да се контролира преку интернализација и афирмација на либералните принципи и демократската практика. Нејзините институции се ограничуваат со уставни средства што не треба да важат само на хартија, туку е неопходно да се спроведуваат и во реалниот живот. Доколку сакаме вистински да биде контролирана власта, таа мора да биде стриктно поделена (законодавна, судска и извршна) и да биде насочена да функционира низ системот на „пречки и рамнотежа“, а владеењето на правото, демократските „правила на игра“ и почитувањето на човековите права и слободи да му бидат приоритетни на секој поединец, државна институција, од политичките партии, на власт и во опозиција, и на секој деловен правен субјект без исклучок.

23. Медиумите треба конечно да станат слободни и независни (од партиските и сопственичките структури), професионални и објективни. Сведоци сме дека власта (без разлика дали станува збор за СДСМ, ВМРО-ДПМНе или ДУИ) преку медиумите врз кои има влијание создава слика за реалноста, „медиумска реалност“, која е од големо значење за однесувањето на луѓето и донесувањето на нивните одлуки. Но не треба да се занемари дека таа слика на реалноста е искривена и не е реална т.е. вистинита. И уште нешто, кога ќе се претера со оваа „реалност“, тогаш доаѓа до еден друг феномен – синдромот videomalaise – состојба на недоверба помеѓу медиумите, политичките партии и гласачите. Така добивме разочарани, апатични и незаинтересирани гласачи за учество во политичките процеси. Тоа што западните демократии (САД, ЕУ) го преживуваа во доцните деведесетти години од минатиот век и во двеилјадитите, денес со големо задоцнување го имаме и кај нас, во македонската политика. Тоа е ситуација на videomalaise – состојба во која има едно чувство на недоверба помеѓу медиумите, политичките партии и граѓаните избирачи (повеќе и поконкретно во „Вовед во науката за публицистика и комуникации“, Михаел Кунчик, Астрид Ципфел, Фондација „Фридрих Ебарт“, 1998, Скопје). Се изразува како незадоволство со начинот на кој медиумите ги следат политичките процеси и, во тој контекст, како преку нив се претставуваат политичките партии и нивните кандидати во изборната трка. Оваа појава од поодамна е појавена кај нас, но не толку многу изразена. Бранот на незадоволство беше резултат од отсуство на сериозна политичка расправа за горливите проблеми, а пренагласеното присуство на сензационализам и непрофесионално известување на медиумите. Избирачите постепено се разочаруваа, стануваа апатични, а на овие избори дури и очајни и се одлучија за апстиненција и неучествување во изборните политички процеси (види „Избори медиуми“, Благоја Ниневски, 2001, Скопје).
Недозволено е медиумите и понатаму да бидат сведени на обични трансмитери и „навивачи“ на политичките опции. Повеќе од потребно е да станат вистинско „око на јавноста“, кое гледа и пренесува сѐ што се случува во државата и општеството.
24. Демократската формула за претворање на демократски закоченото и инхибирано општество би можела да биде следната: а) граѓанско општество ослободено од стегите на политичката корупција, кронизам и непотизам на партиите; б) компетентна научна, академска и стручна јавност; в) слободни и независни медиуми и г) владеење на законите (а не на политичарите и партиите) во сите сегменти на општеството и државата и еднакво за секој поединец, без разлика на статусот. – Правна држава во вистинска смисла на зборот. Почетниот чекор кон остварување на овој демократски идеал се слободни, демократски, фер и кредибилни избори, во суштинска, а не формална смисла.

Сотир Костов

(крај)