Фото: „Нова Македонија“

Познатиот далматински клуб во првата сезона по доаѓањето на Гечевски по 19 години ја освои титулата шампион во Хрватска. Незаборавни моменти на ЕП во Литванија

Тодор Гечевски (2)

Кошаркарскиот репрезентативец Тодор Гечевски, откако заигра во Македонија и уште во почетокот ги покажа своите квалитети, стана интересен за многу клубови. Меѓутоа, тој имаше желба да се покаже прво пред својата публика, па дури потоа да замине некаде во странство каде што ќе имаше поголема перспектива и услови за напредок. Така и беше, првиот период од кариерата го помина во родното Кавадарци во тимот на Тиквеш, низ кој покрај него помина една плејада квалитетни кошаркари, исто така, откриени од професорот Димитар Пецов. Најпознати меѓу нив беа Врбица Стефанов, Ристе Стефанов и Горан Самарџиев, кои направија убави кариери. Но се враќаме на Гечевски и ја следиме неговата кариера во оние години откако замина од Кавадарци.
– Првите две авантури на меѓународната сцена ги имав во италијанскиот Авелино и германскиот Хаген. Меѓутоа, ниту во едниот, ниту во другиот клуб немав среќа. Во Авелино немав доволна минутажа, а во Хаген, кога мислев оти сѐ ќе биде во ред и ја имав потребната минутажа, клубот падна во финансиска криза и згасна. Ете, толку ми беше среќата во Германија, каде што и покрај краткиот престој во Хаген оставив добар впечаток и за мене сѐ почесто се зборуваше во кошаркарските кулоари – вели Гечевски.

Задар вистински избор

Гечевски, за малку да ги среди мислите, се врати во Работнички, за набрзо потоа по инсистирање на прославениот ас Јосип Пино Ѓерѓа да замине во Задар.
– Ова ми беше полн погодок. Таму останав пет години и во тој период со популарниот далматински клуб освоивме две шампионски титули и три купа. Посебна радост на навивачите им донесе првата шампионска титула во самостојна Хрватска, која беше освоена по цели 19 години. Мора да истакнам дека овој триумф спектакуларно беше прославен во овој убав приморски град. Тие еуфорични моменти вечно ќе ги паметам, како нешто неповторливо – вели Тоше.
Гечевски конечно, надвор од Македонија, си го најде своето место. Задарчаните играа значајна улога во Првата лига и често знаеја да им го загорчат животот и на фаворитите како Цибона, Сплит, Црвена звезда и Партизан. По распадот на поранешната држава ја снема југословенската, но затоа тука беше новоформираната Јадранска лига во која продолжија дуелите со истите ривали.
– Средбите со овие екипи секогаш беа магнет за гледачите. Тогаш и салата во Јазине беше полна, а од бучавата не се слушаше удирањето на топката кога се одбиваше од паркетот. Уште од времето на Ѓерѓа, а подоцна и на легендарниот Ќосиќ, Задар ги имаше сите карактеристики на кошаркарски град. Не само оние што се сметаа за најатрактивни, туку и другите екипи беа пречекувани во полна сала. На пример, мечевите со Шибенка, со која Задар постојано војуваше, беа интересни за гледачите. Се сеќавам на една средба со шибеничани, кога заради нашата безбедност до салата во Шибеник стигнавме со полициски комбиња. Месниот ривалитет го правеше своето – вели тој.
Во времето кога Тоше заигра за Задар, клупски другари му беа познатите кошаркарски имиња, Марко Балиќ, Наглиќ, Штенбергер, Лалиќ (еден период играше и за МЗТ), Дамир Тврдиќ, Џонсон, Кари Бруем, Рудолф Љубо, Владо Бањац, Поповиќ и Александар Петровиќ, братот на покојниот Дражен.
– Навистина околу себе имав само асови, кои, иако не бев од нивната средина, многу ме почитуваа. Тие го ценеа мојот придонес што го давав за Задар, во многуте тешки мечеви, во кои од мојата игра често зависеше и конечниот исход. Убави, убави времиња беа тоа. Но сѐ се растури кога за тренер дојде Змаго Сагадин, со кого не само јас туку и другите играчи не можеа да соработуваат. Тоа беше пресудно, и покрај убавите нешта што ги доживеав, да заминам од Задар – вели тој.
Тоше, кој ѝ стана миленик на публиката, знаеше и кога не ѝ одеше на екипата да го „сврти“ резултатот и Задар да дојде до победа. Затоа, сите со жалење ја примиле веста кога слушнале оти Гечевски најавил заминување од Задар. И покрај неочекуваната разделба, Гечевски со крената глава замина од клубот во кој помина пет незаборавни години и со кој стана и ден-денес ненадминат скокач во Јадранската лига.

Литванија за незаборав

Гечевски уште кога беше многу млад почна да настапува за македонската сениорска репрезентација. Со неа го имаше и првото учество на сениорското ЕП, во Франција, во 1999 година.
– Тогашниот селектор Заре Марковски ме одведе во Францијa веројатно затоа што во мене препозна перспективен играч, чии квалитети со оглед на предиспозициите што ги имав, допрва ќе дојдат до полн израз. Потоа настапив и на ЕП во Полска во 2009 година, но без некој посебен успех, за конечно не само мојот туку и квалитетот на другите кошаркари да дојде до полн израз на ЕП во Литванија во 2011 година. Тогаш, предводени од Марин Докузовски, со квалитетни играчи како Илиевски, Антиќ, Стојановски, Мекелејб, направивме вистински подвиг со освојувањето на четвртото место. Тоа ретко кој го очекуваше, но сите коцки се наместија онака како што треба и во борба за пласман во полуфиналето во арената на Жалгирис во Каунас, со тројката на Илиевски ја совладавме фаворизираната Литванија. Од тогаш остана запаметена онаа изрека на Влатко, која и денес често се споменува, кога ќе се постигне нешто неочекувано „Леле, леле, што направивме“. Така стигнавме во полуфиналето, кое особено по поразот во почетокот од Црна Гора во групната фаза, малкумина го очекуваа. Но тој пораз како да нѐ разбуди, се создаде една хемија меѓу играчите и стручниот штаб и работите тргнаа во нагорна линија. Победата над Хрватска ни даде уште поголем мотив за понатаму, но, за жал, јас кога бев најпотребен, поради скршеница на раката на мечот со Словенија, иако сакав, сепак, не можев понатаму да играм. Бев тажен, сакав да се вратам дома, но, за да не се растури атмосферата, останав докрај на првенството на кое го остваривме највисокиот пласман што воопшто го забележала една македонска сениорска селекција на големите приредби, бевме четврти. Успехот беше прославен од сета нација и бевме пречекани како херои. Тие моменти вечно ќе останат во мојата меморија, како што ќе остане и тагата, што, ете, поради несреќната повреда не можев докрај да му помогнам на нашиот национален тим, особено на патот кон финалето во мечот со Шпанија и во „малото финале“ за третото место, кога вторпат загубивме од Русија – вели Гечевски.
Интересно е дека Гечевски и по две години, иако претходно се раздели од репрезентацијата, на инсистирање на соиграчите настапи на Европското првенство во 2013 година во Словенија. Но овој пат ја немаше онаа хемија во тимот и бевме далеку од повторување на успехот од Литванија. Инаку, во меѓувреме Гечевски со своите репрезентативни другари испушти голема шанса да заигра и на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Лондон во 2012 година.
– Иако на квалификацискиот турнир во Каракас во 2012 година бевме блиску до остварување на овој сон, сепак, малку недостигаше да го фатиме „последниот воз“ за учество на ЛОИ. Доживеавме два неочекувани пораза од Ангола и од Доминиканската Република, а единствената победа над Нов Зеланд не ни значеше ништо – рече Гечевски.
Клупската кариера на Тоше по настапите за ПАОК продолжи во МЗТ, а потоа и во Работнички, каде што во 2015 година стави крај на богатата кариера. Потоа три години работеше како тренер на младите категории во тимот од Градскиот парк, за својот пат во кошаркарскиот спорт да го заврши како спортски директор на КФМ. Но, овде, како што вели самиот, не можел да се „пронајде“ и затоа ја напуштил функцијата.
Тодор Гечевски има една неверојатно богата кошаркарска кариера, која му обезбеди високо место меѓу легендарните македонски не само кошаркари туку и спортисти, воопшто.