Фото: МИА

Синдикалните организации на Македонска Пошта, денеска од 8 до 10 организираа протест на членството пред Дирекцијата и во сите подружници на националната Пошта, преку кој ќе побараа исплата на платата за минатиот месец и решение за состојбата во претпријатието.

Во најавата за протестот од Синдикатот на Македонска пошта наведоа дека „поради алармантноста на состојбата и финансиската криза во која е доведена АД Пошта, вработените се загрижени за опстојувањето и иднината на Поштата и работните места“.

Најголемата загриженост и револт кај вработените, како што велат од синдикатот, е предизвикано од грубото непочитување на работничките права од страна на работодавачот. Работодавачот и покрај законската обврска за редовна исплата на плата, не им исплати плата на работниците во законскиот рок до 15. во месецот, за февруари 2024 година доведувајќи ги работниците до работ на егзистенција и неможност за обезбедување пристоен живот на нивните семејства.

Според Синдикатот, комуникацијата со раководството е на многу ниско ниво, нема слух за проблемите на вработените и не се придржува до договорените ставови, права и обврски.