Мирче Ацев Оровчанецот со соборците

Убиството на Стефан Стамболов како реакција на бугарската хегемонија, задушувањето на македонизмот и киднапирањето на сонот на Македонците за своја македонска самостојност (4)

Многубројна историска литература, документација и сведоштва го потврдуваат ставот на припадниците на македонскиот народ, токму како реакција на бугарските обиди да ја задушат македонската национална ренесанса и да ја негираат посебноста на македонскиот народ, од кој се родиле различните форми на отпор од минорни до најрадикални. Токму во Бугарија историските факти сведочат дека Македонците се организираа или активно ѝ се спротивставуваа на власта, јавно демонстрирајќи на европската политичка сцена дека нема никојпат да се согласат со деноминаторските нихилистички бугарски политики кон македонскиот народ. Една од таквите форми на отпор и демонстрација на отворено крајно радикално спротивставување на политиките на Софија спрема Македонците биле и – атентатите. Најпознати такви форми на отпор се атентатите на двајца бугарски премиери, Стефан Стамболов и Александар Стамболијски, како и на неколку бугарски министри и дипломатски претставници, како што се атентатите на Христо Белчев или на Александар Димитров. Но за обележување е дека ваквите македонски пројави во бугарската држава биле мотивирани од македонските интереси и најчесто Македонците дејствувале против оние бугарски фактори што биле лидери во негативната настроеност кон Македонците и нивните политички слободарски стремежи.

Димитар Ризов – човек на стоте мислења

Во 1884 година се вклучува во политичкиот живот на Бугарија и е еден од многуте Македонци што ќе навлезат во општеството и ќе играат важна улога во политичкиот и општествениот живот на Бугарија. Поради честата промена на политичките ставови, Ризов го нарекувале човек на стоте мислења. По падот на владата на Стефан Стамболов, Ризов ѝ се приклучува на македонската емиграција во барањата за спроведување реформи во Македонија врз членот 23 од Берлинскиот конгрес.
Димитар Ризов учествува во формирањето на Братскиот сојуз на 27 декември 1894 година во Софија, заедно со Трајко Китанчев, Никола Наумов, Андреј Љапчев, Наум Туфекчиев и Тома Карајовов. Во меѓувреме дошло до обединување на македонските друштва во Бугарија, за време на првиот македонски конгрес, на кој и Димитар Ризов бил делегат. Тој продолжил активно да учествува во општествениот и политички живот на македонската емиграција, сега во рамките на Македонскиот комитет, подоцна познат како Врховен македонски комитет. Учествува во работата на Шестиот македонски конгрес на македонските друштва во Бугарија на 1 мај 1899 година, кога за претседател на Врховниот комитет е избран Борис Сарафов. На тој конгрес станало збор и за востание во Македонија. Ризов ги убедувал делегатите дека не треба да се крева востание во Македонија, без бугарската влада и Русија, притоа побарал Врховниот комитет и Македонската револуционерна организација (МРО) да се обединат, но неговите предлози за востанието и организацијата биле отфрлени.
Во јуни 1897 година бугарскиот премиер Константин Стоилов го поставил за агент при Бугарското трговско агентство во Скопје. Истовремено од бугарската влада бил задолжен да биде посредник помеѓу владата и МРО. Димитар Ризов играл дволична политика, но и покрај тоа Ѓорче Петров за него ќе каже дека се држел најдобро од сите. Според Христо Татарчев, Ризов се држел џентлменски, ја заштитувал тезата на бугарската влада, но пред неа ги застапувал и интересите на организацијата. Оваа должност Ризов ја извршувал до крајот на 1898 година, не можејќи да ги усогласи ставовите на бугарската влада и македонската организација, поднел оставка на должноста агент во Скопје.
Димитар Ризов бил уредник на повеќе весници: „Христо Ботев“, „Трновски устав, „Самозаштита“, „Глас македонски“, „Независност“, „Млада Бугарија“ и други. Тој е автор и на книгата „Етнографија на Македонија“.

Хаљо – физичкиот убиец на Стамболов

Михаил Ставрев, познат под прекарот Хаљо, е македонски револуционер, родум од ресенското село Јанковец, четник на одредот „Македонски арамии“ и на Врховниот македонски комитет. Во 1885 година, за време на Српско-бугарската војна, тој е дел од одредот на мајорот Коста Паница наречен „Македонски арамии“. Тогаш, но и по војната, намерите на Паница, а пред сè на неговите потчинети, како и на сите родољубиви Македонци, биле искрени и благородни. Од друга страна, пак, приоритет на бугарскиот премиер Стефан Стамболов му биле личните амбиции и кариерата, која ја градел често злоупотребувајќи го македонското прашање, меѓу другото. Во една пригода, во врска со ослободувањето на Македонија тој изјавил: „Не треба ние да ослободуваме ниеден народ; народите треба да се ослободат сами или да загинат (исчезнат)“.
Тука се случува и кулминацијата во кавгата и непријателството меѓу некогашните блиски пријатели Стамболов и Паница, кое можеби било делумно и лично и траело неколку години, и во 1890 г. Паница е осуден за заговор за убиство на Стамболов и на кнезот Фердинанд I и погубен. „Македонските арамии“ решаваат да се одмаздат. Во 1891 година Ставрев се поврзува со Крсто Ножаров и со браќата Наум, Никола и Димитар (Денчо) Туфекчиеви и учествува во обидот за убиството на Стамболов, при што по грешка е убиен министерот за финансии Христо Белчев. На 3 јули 1895 година во Софија при нов атентат, повторно организиран од Наум Туфекчиев, заедно со неколкумина други, Стамболов конечно е убиен. Ставрев е физичкиот убиец. Осуден е во отсуство, така што трагите му се губат до 1900 година. Тогаш е уапсен за оружен грабеж во Софија, но е ослободен. Станува четник на Врховниот комитет. Во 1901 година повторно е уапсен, а во 1902 година е осуден на смрт, но подоцна казната му е намалена и лежи извесно време во Шуменскиот затвор.

Мирче Ацев-Оровчанецот

Мирче Ацев е македонски револуционер, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација (МРО). Народниот херој од НОВ Мирче Ацев бил внук на војводата Мирче Ацев, чие име и го носел. Негова внука била и Вера Ацева, која исто така учествувала во НОВ. Семејството на Ацевци (Симоновци) од селото Ореовец кај Прилеп дало за Македонија дури 15 револуционери, борци за ослободување на македонскиот народ. Тој бил син на најмалиот од шесте сина на аџи Константин Симоноски – Аце Симоноски. Мирче имал уште пет други браќа: Петре, Дончо, Гога, Илија и Ордан. По завршувањето на основното училиште работел како овчар, полјоделец и кираџија.
Во Софија имал контакти со Гоце Делчев, за кого извршил и неколку задачи. Таму бил обвинет за учество во убиството на Стефан Стамболов и бил осуден на три години затвор, во злогласната Црна џамија. Разочаран од тие настани, Мирче се вратил во татковината. Во 1899 година со своја чета заминал за Неврокопско, каде што неколкупати имал успешни судири со турската власт. Пролетта 1900 година во неговата чета членови биле: Глигор Соколов (кој подоцна станал водач на српска чета), Стојан Акчијата, Стојче Добрушанецот, Јордан од селото Књаже, Стојан Димитров, Јордан Штипјанчето и др. Во овој период тој решава да им стави крај на неколку турски насилници, какви што биле Топузот, Порезот, Булиман, па и Суљо Пушка од Долнени. Активноста на неговата чета продолжила со поставувањето заседа на Ферад Ружди-бег од Охридско, во месноста Црници, крај стариот пат Прилеп-Велес. Тука биле ликвидирани и бегот и тројцата негови телохранители. Со секоја ликвидација на злосторниците, кои вршеле терор врз македонскиот народ, добивале големи симпатии и поткрепа меѓу селаните. Се памети и прераскажува и неговата акција во местото Скала (Мариовско), во која ликвидирал осум Османлии од битолското село Чарлија.
Во август 1901 година Мирче Ацев со својата чета, заедно со Гоце Делчев, тргнал од Ќустендил кон внатрешноста на Македонија. Била планирана акција врз рудникот за графит кај селото Попадија, каде што требало да се киднапира директорот на рудникот (Белгиец), а потоа да се бараат пари за откуп. Стигнувајќи крај реката Вардар, Гоце Делчев се раздвоил и тргнал на дводневна работа во Струмица, со план да се најде со Мирче Ацев во Прилеп. Еден од неговите четници веќе бил болен, по што Мирче одлучил да побара помош за него во самото село Уланци. Неофицијално, се смета дека четата била предадена. Започнала нерамна борба, во која Мирче Ацев бил ранет двапати, по што починал. Тука била убиена целата негова чета, а само двајца успеале да се спасат. Тоа биле комитите Христо Николаев и извесен Зафир од селото Ораовдол. Откако преживеаните комити се засолниле во селото Мартолци, тие испратиле писмо до директорот на гимназијата во Велес – Петар Михов. Писмото завршило кај Јован Бабунски, кој бил српски учител во Велес, по што Петар Михов бил затворен во скопскиот затвор, а била пратена потера во селото Мартолци, каде што биле ликвидирани и последните двајца комити од четата на Мирче Ацев.
Со голема болка и неверување, веста за смртта на прилепскиот војвода ја примил и Гоце Делчев, кој само неколку дена бил заедно со нив и лесно можел да потпадне во истата заседа. Во овој период тој, заедно со Никола Петров Русински, врши обиколка на прилепскиот и битолскиот крај. Делото на Мирче Ацев го продолжиле и неговите браќа Петре, Ѓорѓи и Ордан.

(крај)