Автор: Д-р Галина Наќеска, дерматовенеролог во ЈЗУ Поликлиника на секундарно ниво Железара- Скопје
Атопичниот дерматит (АД) е хронично воспалително заболување на кожата кое најчесто се манифестира во детството, но може да се јави и кај возрасни. Болеста е поврзана со генетска предиспозиција, имунолошки дисфункции и нарушувања во бариерната функција на кожата. Овие фактори водат до појава на сувост, чешање и воспаление на кожата, што значително го нарушува квалитетот на животот на пациентите.
Улога на емолиентните креми во терапијата на атопичен дерматит
Еден од основните принципи во третманот на АД е одржување на кожната бариера и хидратација, со што се спречуваат егзацербациите и се намалува потребата од употреба на топични кортикостероиди. Токму тука важна улога имаат емолиентите.
Емолиентите се средства кои ја омекнуваат и ја хидрираат кожата. Тие ја подобруваат бариерната функција на кожата, што е клучен фактор во управувањето со атопичниот дерматит. Со нивна редовна употреба, се намалува сувоста на кожата и се ублажува чешањето, што води до намалување на ризикот од инфекции.
Механизам на дејство на емолиентите
Емолиентите создаваат заштитен слој на површината на кожата, што спречува губење на вода (трансепидермална загуба на вода) и го намалува влегувањето на надворешни иритации. Освен тоа, тие содржат липиди, коишто ги надополнуваат дефицитите во кожната бариера и ја враќаат нејзината природна структура.
Препораки за користење на емолиенти
За постигнување на оптимален ефект, емолиентите треба да се нанесуваат редовно, особено после бањање, на сè уште влажна кожа, со цел да се задржи максимална количина на вода во кожата. Препорачливо е да се користат неколку пати дневно, дури и кога нема активни симптоми, бидејќи превентивната грижа е клучна за контролирање на болеста.
Заклучок
Соодветната нега на кожата преку редовна примена на емолиентни креми е еден од најважните аспекти во третманот на атопичен дерматит. Правилната хидратација не само што го подобрува квалитетот на кожата, туку и го намалува фреквенцијата на воспаленија и потребата за потешка терапија.




































