Претседателката Гордана Силјановска-Давкова денеска во Ереван учествуваше на панел-дискусија организирана од францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони, во рамки на активностите на Европската коалиција против дрогата (ECAD).
Како што соопшти нејзиниот кабинет, таа во своето обраќање истакна дека Западен Балкан претставува значајна транзитна зона за трговијата со дрога, нагласувајќи ја сериозноста на предизвикот и ризикот од влијание на таканаречените „трети актери“.
Силјановска-Давкова предупреди дека не смее да се потцени растечката улога на нарко-структурите во економијата, политиката и општеството, посочувајќи дека криминалните мрежи сè повеќе стекнуваат моќ да влијаат врз политичките процеси и институциите.
-Неопходно е Европската Унија да ја преиспита својата политика на проширување низ призма на Западен Балкан, имајќи ја предвид безбедносната димензија – истакна претседателката.
Таа додаде дека интеграцијата на регионот во ЕУ може да биде пример за превентивна, наместо реактивна политика, предупредувајќи дека постои ризик криминалниот „modus operandi“ да прерасне во „modus vivendi“.
На крајот, претседателката потсети дека европската политичка и безбедносна архитектура е неразделно поврзана со Балканот.

































