Фото: Министерство за економија и труд

Има голем интерес за Законот за работно ангажирање, а Министерството за економија и труд ги продолжува информативните средби низ сите региони да се објаснат неговите предности, вели заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

-Интересот на инфо-средбите е многу голем. Целта наша е да ги анимираме и да ги информираме сите од опфатените дејности: земјоделството, угостителството и од услужните дејности. Понатаму, државниот трудов инспекторат да почне да го спроведува овој Закон на лице место – вели Ристески, пренесе МИА.

Според него, во Агенцијата за вработување се склучени десетици договори, а најмногу се од угостителската дејност. Се остава простор непрактичните делови од законот да бидат променети.

-Има повеќе десетини апликации во Агенцијата. Ова е премалку, но на информативните средби ги подготвуваме сите и ги поттикнуваме да прашаат што не им е јасно. Овој закон е дел од реформата на Европската Унија во контекст на сузбивање на сивата економија. Доколку има одредени делови кои прават непрактична примена на Законот, ние ги заведуваме и доколку има можности понатаму да направиме одредени промени. Најголем е интересот од угостителството каде овој период се чувствува недостигот од кадар – вели Ристески.

Инаку, во Прилеп за околу 30 проценти има недостиг од кадар во угостителството. Најмногу зашто сезонците заминуваат на работа, претежно, во Хрватска. Дел ќе се замени со младите и студентите, а ќе се најстојува и за дефицитарниот професионален кадар да се најде нов.

-Сд чувствува недостигот од кадарот. Недостасуваат келнери, шанкери, готвачи, пица мајстори. Ќе ја искористиме можноста што ја дава Законот заработно ангажирање и ги чекаме средношколците и студентите да завршат со учебната година. Главно за келнери, шанкери. За другиот професионален кадар ќе бараме кај другите невработени или пензионирани лица – вели Јорданчо Момироски, претседател на здружението на угостители „меанџии“ од Прилеп.

Во Прилеп се околу 90 угостителски објекти и има преку 800 вработени.

Законот заработно ангажирање лица кој започна да се применува од 1 јануари, опфаќа сезонско пријавување на ангажираните лица во угостителството, земјоделството и услужните дејности. Опфатени се младите, неврабтените, пензионерите, лицата од социјалните категории. Ќе бидат пријавени и дополнително ќе заработуваат без да ги загубат другите привилегии што ги користат.