КОШАРКА
- Предлогот „3-2-1 лотарија“ е именуван според бројот на топки за лотарија што тимовите би имале право да ги добијат за извлекувањето на лотаријата за драфтот
Кошаркарската НБА-лига ги сподели деталите за својот план „3-2-1 лотарија“ за реформа на драфтот против т.н. тенкинг, со генералните менаџери на тимовите, според извештај од ЕСПН, пренесува агенцијата „Ројтерс“. Можно е да има мали измени во предлогот пред да се гласа за него од сопствениците на лигата, но поголемите точки од планот имаат мнозинство поддршка и веројатно ќе биде одобрен, според ЕСПН, пишува „Ројтерс“.
Предлогот за „3-2-1 лотарија“ е именуван според бројот на топки за лотарија што тимовите би имале право да ги добијат за извлекувањето на лотаријата за драфтот. Со тоа би се проширила лотаријата од 14 на 16 тима, од кои сите би имале шанса за избор број 1 во генералниот пласман. Тимовите со најлоши резултати, сепак, повеќе нема да имаат најдобри коефициенти. Последните три тима би паднале во зоната за испаѓање и би добиле две топки за лотарија за избор број 1. Наместо тоа, тимовите што ќе ги пропуштат плејофот и плејин-турнирот, но ќе останат надвор од зоната за испаѓање (од четвртото до десеттото место од дното на табелата) ќе бидат изедначени за најдобри коефициенти со три топчиња за лотаријата. Деветтиот и десеттиот носител на плејин-турнирот исто така ќе добијат две топчиња, а поразените во плејин-натпреварите ќе добијат едно топче за лотаријата, пишува „Ројтерс“.
Дополнително, според овој нов формат ќе има правила за фреквенцијата со која тимовите би можеле да освојат одредени нивоа на избори. Ниту еден тим не би можел да го добие првиот избор во последователни години или повеќе од три избори по ред меѓу првите пет.
Борбата против „тенкинг“ беше неодамнешна тема на разговор на комесарот на НБА, Адам Силвер. Овој предлог исто така наводно би ѝ дал на лигата можност да ги намали коефициентите за лотарија на тимот или дури да ја промени позицијата на тимот на драфтот ако се смета дека прават т.н. „тенкинг“. Според извештајот, овој предлог би истекол по драфтот во 2029 година, последниот драфт пред тековниот колективен договор, кој истекува по сезоната 2029/2030. Оваа одредба би им овозможила на сопствениците да го продолжат системот „3-2-1“ или да преминат на нов формат на лотарија на драфтот во тој момент, пишува „Ројтерс“. Н.М.

































