Фото: „Нова Македонија“

Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (25)

Овој сегмент од патописот на познатиот историчар Евлија Челеби нуди детален архитектонско-урбан и социодемографски преглед на Охрид и неговата околина во рамките на Охридскиот Санџак, област со 140 напредни села, која авторот ја рангира веднаш зад Јанинскиот Санџак по населеност и убавина во цела Румелија. Фокусот на текстот е ставен врз монументалната Охридска тврдина, подигната од делкан камен врз стрмна црвена карпа на северниот езерски брег. Челеби прецизно ја разграничува внатрешната цитадела (со обем од 1.000 чекори, ѕидови високи 40 аршини, житен амбар, куќа на диздарот и постојана воена музика над Големата порта) од надворешната тврдина со петаголен облик, обем од 4.400 чекори, ѕидови дебели 15 стапки и 40 агли. Стратешката поставеност е заокружена со три порти (Големата, Табачката и Големата езерска), додека од југ и југозапад природната заштита ја чинат длабоки бездни кон езерото. Внатрешниот простор го дефинираат градини, лозја и амфитеатрално поставени 160 христијански куќи со црвени црепови свртени кон југ, додека во подножјето се наоѓа пашиниот „Јахши-сарај“ со над 300 одаи. Изнесените факти ја истакнуваат специфичната верска и просторна динамика на градот, чиј највпечатлив симбол е монументалната црква „Света Софија“, претворена во џамија под името „Аја Софија“. Со своите 17 куполи, бронзени врати и седефни прозорци, оваа градба некогашен „Ерусалим“ за христијаните, Челебија ја бележи како запоставена и отворена само за петочната џума со малобројни верници, токму поради фактот што се наоѓа среде чисто христијанска населба, каде што локалните жители сè уште тајно плаќаат за влез. Во близина се шесте активни христијански манастири со по 40-50 калуѓери, кои одржуваат месијански кујни, каде што храна добиваат и муслиманите. Описот кулминира со погледот кон пространиот долен шехер, т.н. „рајска населба“, со вкупно 17 маала, чија големина патниците ја рамнат со царските центри Одрин и Бурса…
„Целиот санџак има сто и четириесет напредни и населени села, така што овој Охридски Санџак, по санџакот Јанина, е најнаселениот и најубав санџак во цела Румелија… Старешини на христијаните се нивните протојереји…

Опис на Охридската тврдина

Пред сè, ова е град што лежи на северниот брег на Охридско Езеро, на висока рамнина на една стрмна црвена карпа. Тоа е старинска градба со петаголен облик, изградена толку цврсто како да ја градел Шедад. Охридската тврдина е военo утврдување, изградена од делкан камен во стар стил; тоа е цврст бедем и големо засолниште, кое во обем опфаќа четири илјади и четиристотини чекори. Во надворешната тврдина, на еден тешко пристапен рид, во аголот на северната страна, кој е споен и поврзан со бедем со главната тврдина, се наоѓа цитаделата, која има обем од илјада чекори. Бедемите се високи точно четириесет аршини. Мајсторот-архитект со својата прекрасна умешност го украсил овој град со различни уметнички изработени пушкарници и цврсти градобрани, какви што нема рамни во ниту еден град. Накратко кажано, цитаделата е цврст бедем. Тврдината има две порти: едната е Големата порта, која е свртена кон југоисточната страна и гледа кон Царската џамија. Во кулата над оваа порта се наоѓа висока соба покриена со штици. Во неа дење и ноќе свири воена музика. Од надворешната страна пред оваа порта се наоѓа еден лонџа-дворец, кој е вистинска косморама. Другата порта се наоѓа на северната страна на тврдината. Таа се отвора кон Долниот град. Во внатрешноста на тврдината се наоѓа еден месџид, куќата на диздарот и житен амбар; друго ништо нема. Преостанатиот простор го заземаат градини. Бедемите на големата надворешна тврдина се високи десет аршини. Таа има четириесет агли. Градобраните, сепак, не ги изброив. Бедемите се дебели петнаесет стапки и се толку цврсти и утврдени како да ги градел Шедад. Оваа тврдина има вкупно три порти: едната е Големата порта; таа се наоѓа под цитаделата и е свртена кон север. Преку неа се влегува во варошот, кој се наоѓа на онаа страна каде што е езерото. Втората е Табачката порта; свртена е кон исток, а третата е Големата езерска порта. Оваа надворешна тврдина има тешко пристапни и цврсти градски бедеми, кои се протегаат од исток кон север и северозапад, како и од западната страна. На сите тие страни има падини. Меѓутоа, југозападната и јужната страна на тврдината се свртени кон езерото. Бидејќи на тие страни има остри, стрмни и високи карпи, таму се наоѓаат страшни, опасни и смртоносни бездни и амбиси. Од тие страни тврдината воопшто нема бедеми, ниту пак тие се потребни, но понекогаш се случува од таму животните да паднат и да се скршат на парчиња. Толку се високи тие карпи.
Во старо време покрај оваа бездна бил подигнат ѕид како ограда, но со текот на времето на некои места бил урнат. Во оваа голема тврдина има вкупно сто и шеесет христијански куќи. Тоа се вистински косморами, покриени со уметнички изработен цреп во рубинска боја; сите нивни тремови, чардаци и прозорци се свртени кон југ и гледаат кон езерото. Тоа се прекрасно изработени и добро одржувани куќи. Сите им припаѓаат на неверниците, а се подигнати една над друга во облик на амфитеатар. Меѓутоа, долу, на брегот на езерото, се наоѓа дворецот на пашата, тоа е голем дворец со повеќе од триста внатрешни и надворешни простории, со амам, пространа сала за прием и голем број софи, а целиот е покриен со цреп. Во самиот град нема подобар и поголем дворец од овој, но тоа е старински дворец, кој постепено се урива.

За црквата „Света Софија“ – „таа била нивниот Ерусалим“

Прва е џамијата „Аја Софија“ на брегот на езерото, под пашиниот сарај. Тоа е многу голема џамија, на која можеби ѝ се слични само истоимените џамии во Солун и Трапезунт, на брегот на Црно Море, и малата „Аја Софија“ во Истанбул. Оваа џамија „Аја Софија“ ја подигнал кралот по име Охру, братот на Јанован, а била изградена во времето на царот Реџим, синот на пророкот Салмон. Бидејќи тој ја подигнал, првобитно била наречена по неговото име. Во христијанско време, нека не се земе за забелешка, таа била нивниот Ерусалим. Сега таа е муслиманско богомолно место, но понекогаш христијаните тајно им даваат по некое акче на вратарите, влегуваат во џамијата и набрзина му се молат на Бога според христијанските обреди заради благослов, а потоа ја напуштаат џамијата. Таа има вкупно седумнаесет големи и мали величествени куполи и целата е покриена со црвен цреп и малтер од тула и вар; тоа е џамија полна со светлина.
Кога би сакал поединечно да ги опишам и прикажам сите стари споменици, знаменитости и високи столбови што се наоѓаат овде, би изгубил многу време; за тоа и јазикот е недоволен, а и перото би се скршило. Но, за чудо, оваа џамија е запоставена и почнала да пропаѓа. Многу уметнички изработени врати од бронза и крилата на прозорците обложени со седеф дотраеле, бидејќи воопшто нема свои посетители. Останала во целосно христијанска населба; а да останела и под нивна власт и тие самостојно да располагаат со неа, би ја претвориле во рај. Портите на оваа џамија се отвораат само еднаш неделно, и тоа во петок, кога нејзините служители ја мијат и метат, а потоа пет до десет пасванџии клањаат џума, односно ја извршуваат заедничката молитва во петок, па повторно ги затвораат портите и си заминуваат.
Меѓутоа, тука постојат шест христијански манастири, кои се во толку добра состојба, толку добро уредени и населени, што во секој од нив има по четириесет до педесет калуѓери-патријарси. Кога наутро и навечер од месијанската кујна им даваат храна на поповите, тие делат обилна храна и со муслиманите. Во оваа тврдина воопшто нема куќи, амами, чаршија ниту пазар. Целиот останат пуст, празен и неизграден простор го заземаат лозја и градини. Тука има многу думи целосно празна земја, бидејќи тоа е голема тврдина.
Големиот долен шехер – рајската населба е толку добро населена и украсена што мириса со рајски мирис како градот Дамаск, а јазикот е немоќен да го опише. Луѓето што го набљудувале, спуштајќи се од висорамнината Исток, велат дека е голем како Одрин и Бурса. Тука има вкупно седумнаесет маала…“

М-р Никола Ристевски

(продолжува)