Фото: Пиксабеј

САД

Шоуто „Елвис еволуција“ ќе користи вештачка интелигенција, холографска проекција, проширена реалност и театар во живо за да се рекреираат настани од животот и кариерата на Присли. Елвис Присли е најпродаваниот музички соло-изведувач на сите времиња, со повеќе од 500 милиони продадени плочи.
Обожавателите на Елвис Присли што немаа можност да го видат додека беше жив, сега благодарение на виртуелната реалност ќе имаат можност да го видат настапот на кралот на рокенролот на крајот на годината.
Шоуто „Елвис еволуција“ ќе користи вештачка интелигенција, холографска проекција, зголемена реалност и театар во живо за да се рекреираат настани од животот и кариерата на Елвис, објави компанијата за забавна индустрија што го развива шоуто.
– Тоа ќе биде прослава на животот на Елвис; човекот, музиката и неговото културно наследство – изјави Ендрју Мекгинис, основач и извршен директор на компанијата „Лејард ријалити“.
Посетителите ќе патуваат од Тупело, Мисисипи, каде што е роден Присли во 1935 година, до Мемфис, Тенеси, домот на Грејсленд и Лас Вегас.
– Крај на тоа искуство ќе биде изведбата на Елвис со вештачка интелигенција – рече Мекгинис, мислејќи на примената на вештачката интелигенција за „оживување“ на Елвис.
„Лејард ријалити“ склучи договор со „Аутентиц брендс груп“, сопственик на оставината на Елвис Присли, за развој на „Елвис еволуција“. Британската компанија доби пристап до илјадници фотографии и снимки на музичката ѕвезда за да создаде нови изведби со помош на вештачка интелигенција.
По Лондон, шоуто „Елвис еволуција“ ќе обиколи низа голем број градови, меѓу кои Лас Вегас, Токио и Берлин.