Од пожарите кои вчера избувнаа на територија на општина Кичево, пожарот кај село Зајас е изгаснат, додека пожарот во близина на село Челопеци се уште е активен и покрај натчовечките напори што ги вложуваат припадниците на АРМ и вработените на подружницата ШС „Лопушник“ Кичево. Пожарот кај село Челопеци покрај од земја се гасеше и од воздух со учество на два хеликоптери од АРМ и два ер-трактори на ДЗС – информираа од ТППЕ Кичево.
– Од пожарите кои вчера во раните попладневни саати избувнаа кај село Зајас и село Челопеци, се уште е активен пожарот кај село Челопеци и огнената стихија од овој пожар се префрли преку планинскиот срт и навлезе на територија на село Бигор Доленци. Покрај несебичното залагање на припадниците на АРМ и вработени во специјалната единица за пожари во ШС „Лопушник“, пожарот кај село Челопеци се уште е активен. Во попладневните часови на огнената стихија кај ова село интервенираа и два ер-трактори на ДЗС и два армиски хеликоптери кои со едно тенкирање исфрлаа по 500 литри вода. Армиските хеликоптери и утринава беа активни и пожарот полека се смирува но се уште е потребен голем ангажман за негово целосно ликвидирање. Топлото време, сувиот терен и повремениот ветер се најголеми сојузници на овој пожар кој очекуваме да биде ликвидиран до крајот на денот – истакна Артан Сејдини од ТППЕ Кичево.