Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и траат подолго поради климатските промени предизвикани од човекот, велат експертите. Португалското министерство за здравство соопшти дека во изминатите седум дена како последица на горештините починале 659 луѓе

Топлотен бран ја пустоши Европа, пожари беснеат на сите страни

Илјадници пожарникари и вчера продолжија да се борат со пожарите низ Медитеранот, од Мароко до Грција и Јадранот, додека топлотниот бран продолжува да се намалува, јавуваат медиумите низ Европа. Португалското министерство за здравство соопшти дека во изминатите седум дена како последица на горештините починале 659 луѓе, а во северна Португалија еден пилот загина кога неговиот авион се урна во близината на шпанската граница. Од минатиот вторник температурите се искачија на 47 степени во Португалија и над 40 во Шпанија, што доведе до сушење на вегетацијата и дополнително разгорување на пожарот. Португалските метеоролози предвидуваат дека температурите ќе продолжат да се движат над 40 степени, пред да почнат да опаѓаат следната недела. Критичните региони со пожари во Португалија се североисточно од градот Порто. Пожарите уништија 30.000 хектари земја во таа земја оваа година, што е најголема површина од летото 2017 година, кога околу 100 луѓе загинаа во разорните пожари во Португалија. Во јужна Шпанија, недалеку од Торемолинос, Малага, како и во северните провинции Галиција и Кастилја беснеат многубројни пожари.
Пламените беснеат и во југозападниот француски регион Жиронда, каде што се евакуирани повеќе од 14.000 луѓе. Сцените од пожарот, очевидци ги опишуваат како „постапокалиптични“, пренесуваат агенциите. Инаку, официјален Париз доцна во саботата прогласи „портокалово ниво“ на опасност од пожар во 22 области, главно по должината брегот на Атлантикот. Топлотните бранови станаа почести, поинтензивни и траат подолго поради климатските промени предизвикани од човекот, велат експертите. Министерот за внатрешни работи Жералд Дарманин рече дека пожарите досега уништиле 10.000 хектари земја и ја пофали „извонредната храброст“ на пожарникарите.
Од пожарите беа зафатени и други делови од Медитеранот, а во Италија, Владата прогласи вонредна состојба во пресушената долина на реката По.
Во Грција, пожарникарите гаснат пожари во областа Фериза, на околу 50 километри југоисточно од Атина и во близината на Ретимно, на северниот брег на Крит. Седум села се евакуирани во околината на тој град.
Во меѓувреме, британската национална метеоролошка служба прогласи вонредна состојба минатиот петок и издаде предупредување за екстремни горештини за делови од Англија за вчера и за денеска, кога температурите би можеле да достигнат рекордни температури. „Вонредни, можеби рекордни температури се очекуваат в понеделник, а потоа повторно во вторник“, објави службата на својата веб-страница. Беше наведено и дека во Британија „ноќите исто така веројатно ќе бидат исклучително топли, особено во урбаните средини“, што веројатно многу ќе влијае на луѓето и инфраструктурата. Предупредување за топлина од третото ниво е исто така воведено на Островот за југоисточна Англија, Лондон и источна Англија, додека предупредување за топлина од прво ниво е во сила за северна Англија.


Пацифичките земји бараат заштита од климатските промени

Тихоокеанските острови загрозени од климатските промени вчера го повикаа Меѓународниот суд на правдата да донесе арбитражна одлука за правните обврски на државите за борба против климатските промени. Во изјавата објавена по минатонеделниот самит во Сува, лидерите на Пацификот упатија заеднички повик до Хашкиот суд да ги разјасни обврските на државите „да ги заштитат правата на сегашните и идните генерации од негативните ефекти на климатските промени“. Тие велат дека регионот се соочува со „климатска вонредна состојба“ што претставува егзистенцијална закана за нивниот опстанок. Островите веќе се погодени од климатските промени и се надеваат дека иницијативата ќе ги зголеми правните ризици со кои се соочуваат големите загадувачи и ќе ги поттикне на акција. Планот ќе треба да биде поддржан од мнозинството земји на Генералното собрание на ОН во септември за да биде претставен пред највисокиот суд во светот.