Злогласниот татнеж беше само предуредување за младиот рудар во рудникот за жад, дека нешто не е во ред. По само неколку секунди тој трчаше, за потоа да биде понесен во налетот на голем бран на вода и кал. Рударот потоа успеа да стигне до површината, откако пливаше половина час, пишува „Њујорк тајмс“.

– Мислев дека ќе умрам. Уште не можам да поверувам дека избегав. Немам претстава што се случи со другите луѓе околу мене. Претпоставувам дека сите починаа – вели 23-годишниот Ко Аунг Кјуав Хтај, еден ден по несреќата во рудникот Вај Кар во северен Мјанмар, во која се проценува дека 200 луѓе ги загубија животите. 

Тој е еден од стотиците рудари кои работат на црно во исплатливиот центар на трговијата со жад во Мјанмар, каде што доаѓа и до судири помеѓу бунтовниците и владините сили. Силните дождови во сезоната на монсуни го исполнија големиот рудник со вода, создавајќи своевидно езеро. Еден од ѕидовите на рудникот се урна во езерото, создавајќи бран висок околу седум метри.

Младиот рудар ја преживеа несреќата со неколку гребнатинки, додека гледаше како исчезнуваат 50 колеги од неговата непосредна близина. Спасувачките екипи пронајдоа 172 тела веќе следниот ден. Згора, 54 лица беа повредени.

Слични несреќи се безмалку редновна годишна појава во наоѓалиштата на жад во Мјанмар, кој произведува околу 70 отсто од светското количество на минералот, во индустријата вредна милијарди долари (бизнисот со жад во Мјанмар вредел 31 милијарда долари во 2014 година, според одредена студија).

Индустријата на жад која главно е под контрола на воените компании, функционира во тајност. Војската постојано има судири со бунтовниците од регионот, кои сакаат да преземат контрола врз рударските операции. Рударите кои работат на црно им даваат одреден дел од заработката на бунтовниците во областа. Кјуав Хтај добил 2.200 долари за најголемото парче жад кое го нашол, од кои 600 долари им дал на бунтовниците.

Околу 300 илјади рудари од Мјанмар учествуваат во потрагата по жад, а речиси две третини од нив работат на црно, и покрај тоа што нивното занимање е екстремно ризично.