Фото: принтскрин

Силен земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел на Мексико, а потресите се почувствувани дури до Мексико Сити, соопштија локалните власти и очевидци. Издадено е предупредување за цунами – јавуваат агенциите.

Земјотресот, кој се случи во 13 часот и 5 минути по локално време во понеделникот, беше центриран на околу 46 километри југоисточно од Ла Пласита де Морелос во државата Мичоакан. Удрил на длабочина од 15 километри, што е многу плитко – според познавачите.

Американскиот геолошки институт (USGS) соопшти дека земјотресот бил со прелиминарна магнитуда од 7,6 степени, во однос на претходната проценка од 7,5. Мексиканската сеизмолошка агенција објави дека јачината е помала, на 7,4 степени.

– Врз основа на прелиминарните параметри на земјотресот, можни се опасни бранови од цунами за бреговите лоцирани на 300 километри од епицентарот на земјотресот – се вели во билтенот на Пацифичкиот центар за предупредување од цунами.

Детали за штети или жртви не се познати, но жителите во регионот пријавиле силно потресување.

– Во Мексико Сити се тресеа и згради, што ги натера жителите да истрчаат на улиците, но нема информации за сериозни штети или повредени во главниот град на нацијата – рече гувернерката Клаудија Шејнбаум.

Земјотресот, како што анализираат медиумите, се случува на годишнината од двата претходни земјотреси околу Мексико Сити во кои загинаа над 10.000 луѓе во 1985 година и над 360 лица во 2017 година.