Фото: Веб-страница на украинскиот претседател

Претседателот на Украина, Владимир Зеленски во своето синоќешно видеообраќање изјави дека подигнувањето на украинското знаме на Змискиот Остров е знак дека неговата земја не е скршена.

– Секој руски капетан, на брод или авион, нека го види украинското знаме на Змискиот Остров и нека знае дека нашата земја нема да биде скршена – истакна Зеленски.

Тој додаде дека двомесечната операција за ослободување на Змискиот Остров е предупредување до руските сили во Украина.

Од почетокот на војната во Украина, Змискиот Остров повеќе пати е заземен од руската и од украинската армија.

Украинската армија вчера објави фотографија како војници поставуваат знаме на Змискиот Остров во Црно Море. По објавувањето на фотографијата со украинското знаме, руското Министерство за одбрана соопшти дека го ракетирале Змискиот Остров и ги елиминирале украинските војници.

Тврдењата на Москва за напад врз Змискиот Остров не се независно потврдени, но локалните власти во Одеса претходно објавија дека руските сили го ракетирале Змискиот Остров.

Змискиот Остров е стратешки важен и за Украина и за Русија. Во Црното Море има само неколку острови, а Змискиот Остров е лоциран на околу 200 километри јужно од Одеса, и од него може да се контролира целиот поморски сообраќај во близина на најголемиот пристаништен град во Украина. Со долгорочна окупација на островот, Русија ќе може да го блокира речиси целиот извоз на стоки преку пристаништето Одеса.