Фото: Принт-скрин

Украинскиот претседател Владимир Зеленски порача дека неговите сили ќе го „бркаат до гроб“ секој војник што ќе изврши воени злосторства на територијата на Украина, јавуваат агенциите, повикувајќи се на „Би-би-си“.

Обраќајќи му се на украинскиот народ во Киев, Зеленски испрати порака до московските војници, предупредувајќи ги дека ќе се соочат со судниот ден за намерни убиства за време на конфликтот во неговата земја.

– Колку такви семејства загинаа во Украина? Тоа нема да го простиме. Нема да заборавиме. Ќе ги казниме сите оние кои извршија ѕверства во оваа војна. За нашата земја. Нема да има мирно место за вас на оваа земја освен гробот – рече украинскиот претседател.

Зеленски, исто така, ги повика западните лидери да преземат посилна акција против Москва, велејќи им дека храброста на агресорите е јасен сигнал до Западот дека санкциите против Русија не се доволни.

Украина го отфрли предлогот на Москва за хуманитарни коридори кон Русија и Белорусија, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.

– Тоа не е прифатлива опција, истакна таа откако Русија предложи преминување на цивили од Харков, Киев, Мариупол и Суми.

Верешчук нагласи дека „цивилите нема да одат во Белорусија, а потоа да се качат во авион кон Русија“.