Фото: Принт-скрин

Украинскиот претседател, Владимир Зеленски, се огласи по говорот на Владимир Путин и рече дека не верува оти Русија ќе употреби нуклеарно оружје и покрај заканите.

Зборувајќи за германски „Билд“, Зеленски исто така го повика Западот да не дозволи Путин да ги уценува. Според него, делумната мобилизација покажува дека Русија има „проблеми со офицерите и другиот воен персонал“.

– Тој (Путин) гледа дека неговите единици едноставно бегаат. Путин сака да ја удави Украина во крв, но и во крвта на сопствените војници – изјави претседателот на Украина.

Украинскиот претседател не планира да се откаже од повторното заземање на териториите окупирани од Русија.

– Ќе постапуваме во согласност со нашите планови чекор по чекор. Сигурен сум дека ќе ја ослободиме нашата територија. Референдумите се „лажни референдуми“ и 90 отсто од државите нема да ги признаат – посочи Зеленски.

Во врска со индиректната закана на Путин за употреба на нуклеарно оружје, Зеленски рече дека не верува во тоа.

– Не верувам дека ќе употреби нуклеарно оружје. Мислам дека светот нема да му дозволи да го направи тоа. Но, не знаеме што се случува во неговата глава, така што има одредени ризици – истакна Зеленски.

Сепак, тој смета дека не треба да се попушти пред заканите на Путин.

– Путин утре може да каже, освен Украина, сакаме и дел од Полска, во спротивно ќе користиме нуклеарно оружје. Не можеме да се согласиме на такви компромиси – заклучи првиот човек на Украина.

Изјавите доаѓаат откако Путин најави делумна мобилизација во Русија и предупреди дека Москва ќе биде подготвена да ги искористи „сите расположливи средства“ за да ја заштити територијата поради заканите од Западот.