Фото: Инстаграм/ Зеленски

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денеска на Твитер објави неколку фотографии од Киев, кој е само еден од градовите нападнати од руски ракети и беспилотни летала утринава.

Украинската полиција соопшти едека во големиот руски ракетен напад низ Украина „загинале најмалку 10 цивили, а околу 60 се повредени“.

– Светот уште еднаш го виде вистинското лице на терористичка држава која го убива нашиот народ. Не само на бојното поле, туку и во мирните градови. Русија е земја која го крие своето крваво и криминално јадро и целта на зборовите за мир. Ова докажува дека ослободувањето на целата наша земја е единствената основа за мир и безбедност – напиша Зеленски.

Украинскиот претседател побара од германскиот премиер Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон „остро“ да ѝ одговорат на Русија по денешните тешки бомбардирања на украински градови, а додека Европската Унија и европските земји ја осудија одмаздничката акција на Русија.

– Разговаравме за зајакнување на нашата воздушна одбрана, за потребата од остра европска и меѓународна реакција и за зголемен притисок врз Русија, напиша Зеленски на Твитер по итниот разговор со колегите од Германија и Франција.

Тој, исто така, побара итен состанок на групата Г7 (седумте најмоќни економии во светот) за која се согласи и канцеларот Шолц.

– Се договорив со канцеларот Шолц од Германија, која претседава со Г7, за итен состанок на групата, напиша Зеленски на Твитер. „Планиран е и мој говор во кој ќе зборувам за терористичките напади на Руската Федерација. Ќе разговараме и за посилен притисок врз Русија и помош за повторно функционирање на оштетената инфраструктура – додаде Зеленски.

Лидерите на Г7 утре ќе имаат видео-повик со украинскиот претседател Зеленски по бранот руски ракетни напади врз украинските градови, соопшти германската Влада.

Портпаролот на германската влада изјави дека Берлин остро ги осудува нападите врз Украина. Канцеларот го увери Зеленски за континуираната поддршка на Берлин, изјави денеска владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи изјави дека во Киев е погодена зградата во која се наоѓа германскиот конзулат.

Макрон во телефонскиот разговор ја потврдил целосната поддршка за Украина и рекол дека Франција е подготвена да помогне, вклучително и со воена опрема, соопшти Елисејската палата.

– Имав итен разговор со Макрон. Разговаравме за зајакнување на противвоздушната одбрана, потребата од силен одговор од Европа и меѓународна реакција, како и за зголемување на притисокот врз Руската Федерација. Франција стои со Украина – напиша Зеленски на Твитер.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ги осуди „ужасните и неселективни“ ракетни напади на Русија врз цивилни мети во Украина.

Столтенберг информираше дека разговарал со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба и ветил континуирана поддршка на НАТО за Украина против руската агресија, „колку и да биде потребно“.

Денешните ракетни напади врз цивилни цели во Киев, Лавов, Днипро, Харков, Криви Рих и други делови од Украина претставуваат флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право, како и дополнително поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила, објави шефот на дипломатијата Бујар Османи нае неговиот Фејсбук профил.

– Република Северна Македонија силно ги осудува ваквите неприфатливи дејствија извршени од страна на Русија, кои резултираат со невини човечки жртви. Сторителите на нападите треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да одговараат за извршените воени злосторства. Уште еднаш ја реафирмираме солидарноста со украинскиот народ, како и цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, упатувајќи уште еден повик за итно прекинување на сите воени дејствија и повлекување на руските воени сили од земјата – стои на статусот на Фејсбук на министерот Османи.