Фото: Принт-скрин

Војната во Украина треба да заврши до мај, бидејќи Русија ќе остане без ресурси за продолжување на оружените дејствија, тврди советникот на украинскиот претседател Олексеј Арестович.

Повикувајќи се на видео објавено од неколку украински медиуми, „Ројтерс“ известува дека Арестович вели дека точниот момент ќе зависи од тоа колку пари Кремљ е подготвен да посвети на воената кампања.

Мислам дека треба да имаме мировен договор најдоцна во мај, на почетокот на мај, можеби многу порано, ќе видиме, зборувам за најновите можни датуми, рече Арестович.

– Сега сме на крстопат: или ќе се постигне мировен договор многу брзо, во рок од една или две недели, со повлекување на војниците и сè друго, или ќе се обидат да донесат некои, да речеме Сиријци за вториот круг и, кога и нив ќе ги сомелеме, ќе се постигне договор, било да е тоа до средината на април или крајот на април – рече тој.

Целосно лудо сценарио може да вклучува Русија да испрати нови регрути по еден месец обука, оцени советникот.

Украинскиот претседател, Влaдимир Зеленски, побара воената состојба во земјата да се продолжи за уште 30 дена, почнувајќи од 24 март.

Барањето Зеленски синоќа го испрати до Врховната Рада (парламентот), а тоа денеска е објавено на веб-страницата на претседателот на Украина.

Војната во Украина почна на 24 февруари, кога рускиот претседател Владимир Путин почна „специјална воена операција“, што трае веќе 20 дена.