Фото: Пиксабеј

Повеќе од 6,5 милијарди луѓе, што одговара на 81 отсто од светската популација, во јули оваа година биле изложени на екстремни горештини најмалку еден ден.

Климатските промени предизвикани од човековата активност во јули доведоа до невообичаено високи температури ширум светот, се вели во извештајот објавен од Climate Central, со седиште во американската сојузна држава Њу Џерси.

Повеќе од 6,5 милијарди луѓе, 81 отсто од светската популација, биле изложени на екстремни горештини најмалку еден ден во јули, потврди анализата користејќи го Индексот за климатски промени (CSI) и опфаќа 4.700 градови во 200 земји.

Утврдено е и дека најмалку две милијарди луѓе секој ден многу силно го чувствуваат влијанието на климатските промени во јули, бројот на луѓе изложени на екстремни горештини достигна 3,5 милијарди, чиј пик беше на 10 јули. Оние кои живеат во близина на екваторот и на мали острови доживеаја исклучително силно влијание на климатските промени предизвикани од човекот во јулските температури.

Вкупно 870 градови, вклучително и Александрија во Египет, Дака во Бангладеш, Хавана во Куба, Џеда во Саудиска Арабија и Тампа во американската сојузна држава Флорида, имаа најмалку 25 дена јулски горештини на трето или повисоко ниво на CSI.

Истакнуваат дека илјадници луѓе годишно умираат од причини поврзани со топлината, а извештајот ја нагласува потребата од напори за адаптација како што се акционите планови за топлина за да се намали ризикот од климатските промени предизвикани од човекот.

Нагласено е дека се додека се согоруваат јаглен, нафта и гас, топлотните настани со CSI нивоа од 1 до 5 ќе продолжат да бидат почести и поинтензивни.