Фото Забихула Муџахид -Твитер (принтскрин)

Најмалку 63 лица загинаа, а околу 200 се ранети во самоубиствен бомбашки напад врз шиитска џамија за време на вчерашната петочна молитва во северозападниот пакистански град Пешавар, соопштија денеска пакистанските власти, ветувајќи дека ќе ги пронајдат и уапсат оние што стојат зад овој чин на терор врз шиитските верници – пренесе МИА.

Британските медиуми пренесоа дека Исламска држава (ИД) ја презеде одговорноста за бомбашкиот напад, еден од најголемите терористички напади во Пакистан во последно време.

ИД во соопштението лиферувано по нападот наведе дека напаѓачот бил бомбаш самоубиец од соседен Авганистан, кој прво ги убил двајцата полицајци кои ја чувале шиитската џамија во северозападниот дел на Пешавар, за потоа да влезе во светото место и да го активира уредот.

Огранокот на ИД, познат како ИД во провинцијата Хорасан, е со седиште во источен Авганистан.

Талибанските лидери во Кабул, кои се борат против ИД, го осудија вчерашниот самоубиствен бомбашки напад врз џамија во Пешавар.

– Го осудуваме бомбашкиот напад врз џамијата во Пешавар. Нема оправдување за нападите врз цивили и верници – објави заменик-министерот за култура и информации на талибанците, Забихула Муџахид, на Твитер, но, исто така, одби да потврди дека бомбашот самоубиец е Авганистанец.

– Бројот на загинати од нападот најверојатно ќе продолжи да расте – изјави Асим Кан, портпарол на болницата Лејди Ридинг во Пешавар, и потврди дека најмалку четворица од 38-те ранети се во критична состојба.