Фото: Министерство за надворешни работи на Кина

Кина е подготвена да работи со Русија за промовирање на нови механизми за соработка и зајакнување на пријателството, изјави кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на прес-конференција на маргините на годишната седница на парламентот во Пекинг.

Кина и Русија објавија „безгранично“ партнерство во февруари 2022 година, кога рускиот претседател Владимир Путин го посети Пекинг, неколку дена пред да испрати десетици илјади војници во Украина.

– Кина и Русија создадоа нов модел на односи меѓу големите земји, кој е сосема различен од застарениот пристап на ерата на Студената војна, заснован на принципите на неврзување, неконфронтација и нетаргетирање против трети земји – посочи Ванг.

Тој потенцира дека Пекинг ќе продолжи да работи за мир и стабилност во светот.

– Соочена со нестабилна и сложена меѓународна средина, Кина решително ќе биде сила за мир, стабилност и напредок во светот – наведе Ванг.

Годишната сесија на Парламентот е главен политички настан во Кина, кој традиционално ѝ дава можност на владата да ги претстави своите економски и дипломатски политики.

Ванг се осврна и на односите на Кина со САД, посочувајќи дека остануваат тензиите помеѓу двете најголеми економии во светот.

– САД ја обвинуваат Кина под каков било изговор. Постојано се обновуваат средствата за притисок врз Кина, а списокот на еднострани санкции постојано се проширува. САД продолжуваат да имаат погрешна слика за Кина и допрва треба да ги исполнат своите ветувања и покрај напредокот постигнат од средбата меѓу претседателите Џо Бајден и Си Џинпинг во ноември минатата година – истакна Ванг.

Тој нагласи и дека е јасна политиката кон Тајван.

– Нашата политика е многу јасна, да продолжиме најискрено да ја следиме перспективата за мирно обединување. Нашата црвена линија е исто така исклучително јасна, никогаш нема да дозволиме Тајван да се одвои од татковината – категоричен е Ванг.

Тој додаде дека безбедноста во Тајванскиот Теснец е диктирана од почитувањето на принципот „Една Кина“. Ванг предупреди и дека Пекинг ќе ги брани своите права во Јужното Кинеско Море по серијата инциденти со Филипините.

Кинескиот министер за надворешни работи истакна дека хуманитарната катастрофа предизвикана од војната во Појасот Газа е срам за цивилизацијата и го повтори повикот на Пекинг за итен прекин на огнот.

Ванг на прес-конференцијата и на БРИКС, која „има за цел да го зајакне мировниот потенцијал и да го прошири фронтот на светската правда“.

Во поширока смисла, проширувањето на БРИКС е манифестација на подемот на глобалниот југ и забрзаниот развој на мултиполарноста во светот. Тоа суштински ја менува картата на светската економија – наведе Ванг.