Фото: Твитер/Урсула фон дер Лејен

Не постои строг распоред за пристапување на Украина во Европската Унија, а земјата се уште треба да исполни некои барања на патот кон членство во ЕУ, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на прес-конференција по средбата во Киев со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

– Украина ќе прави напори секој ден да напредува на својот пат кон членство во ЕУ. Нашата цел е апсолутно јасна: да започнеме преговори за пристапување на Украина. Нема да изгубиме ниту еден ден во нашата работа за приближување на Украина кон ЕУ – нагласи Зеленски.

„Украина е Европската Унија, а Европската Унија е Украина“, изјави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во Киев по состанокот посветен на пристапувањето на земјата во ЕУ.

„Иднината на Украина е во Европската Унија“, категоричен беше Мишел на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен и Зеленски.

Со санкциите на Европската Унија против Русија мора да се осигура дека таа нема да може да го обнови својот воен потенцијал, изјави и украинскиот претседател.

Фон дер Лајен истакна дека следната група санкции на ЕУ против Русија ќе бидат насочени кон компонентите потребни за производство на беспилотни летала што руските вооружени сили ги користат во Украина.

Дополнително, „Европската Унија ќе направи дополнителни напори да ги искористи замрзнатите руски средства за обнова на Украина“, се вели во заедничката изјава на Шарл Мишел и Урсула фон дер Лајен, објавена по нивната средба со Володимир Зеленски.

Украинскиот лидер рече дека украинските сили ќе го бранат градот Бахмут што е можно подолго и го повика Западот да го снабдува Киев со ракети со голем дострел.


САД најавуваат 2,2 милијарди долари за ново оружје и муниција за Украина

САД денеска најавија нов пакет оружје и муниција за Украина во вредност од 2,2 милијарди долари.

Списокот вклучува муниција за ракетните системи ХИМАРС што им овозможија на украинските сили да таргетираат зад руските линии, системи за ПВО и оклопни возила, соопшти Пентагон.