Фото: група Вагнер/твитер

Портпаролот на Источната група на вооружените сили на Украина, Илја Јевлаш за украинскиот медиум „РБЦ-Украина“ изјави дека руските платеници „Вагнер“ се вратиле на линијата на фронтот.

– Потврдуваме дека „Вагнерците“ се присутни во областа на Источната група. Станува збор за членови на „ПМК Вагнер“ кои биле на територијата на Белорусија. Сега таму се распуштаат нивните кампови. Таму беа околу 8.000. Дел од нив заминаа во Африка, а некои повторно преговараат за договори со Министерството за одбрана на Руската Федерација и се вратија овде во источна Украина за да учествуваат во воените акции  како инструктори и како воени персонал – рече Јевлаш.

Руската платеничка група одигра клучна улога во водењето на воените дејствија во источна Украина, под водство на Евгениј Пригожин, кој загина во авионска несреќа минатиот месец.

Јевлаш истакна дека борците на „Вагнер“ „не претставуваат значителна закана“ по смртта на Пригожин.

– Овие луѓе навистина се меѓу најподготвените во руската армија, но тие нема да станат значајна закана – рече тој.