Фото: принтскрин/јутуб

Најмалку 113 лица загинаа, а 150 се повредени во пожар што избувна на свадба во северен Ирак.

Стотици луѓе биле на свадба во Ал-Хамданија, провинцијата Ниневија, кога доцна синиќа избувнал пожар и го зафатил местото каде што се одржувала прославата, пренесе „Танјуг“, повикувајќи се на „Ројтерс“.

Заменик-гувернерот на Ниневија Хасан ал-Алак изјави дека досега е потврдена смртта на 113 лица.

Директорот на Одделот за односи и информации во ирачкото Министерство за внатрешни работи, Саад Маан, изјави дека се уапсени девет лица кои биле вработени во салата за свадбени веселби.

Маан рече дека ќе издаде налози за апсење на уште четворица вработени, пренесе „Танјуг“.

Тој посочи дека причините за трагедијата се „недостиг на здравствени и безбедносни мерки, запаливи материјали што се користеле во градбата и очигледно огномет организиран во затворен простор“.

Фото: принтскрин/јутуб

Ирачкиот премиер Мохамед Шија Ал Судан прогласи тридневна национална жалост.

Спасувачките екипи ја продолжуваат потрагата по преживеани по пожарот што избувна доцна синоќа.

Мисијата за помош на Обединетите нации за Ирак на платформата Х (Твитер) објави дека е шокирана од огромниот број жртви и повредени во пожарот.

– Голема трагедија. Искрено сочувство до семејствата кои ги загубија своите најблиски. На повредените им посакуваме брзо закрепнување – се наведува во соопштението.

Пожарот е пријавен дека избувнал во вторникот вечерта околу 22.45 часот по локално време.

Причината за пожарот се уште не е утврдена, но првичните информации укажуваат дека пожарот настанал по палењето на огнометот.

Првичните извештаи на ирачките медиуми соопштија дека и невестата и младоженецот загинале во пожарот, но новинската агенција Нина подоцна објави дека тие преживеале, но се лекуваат од изгореници.

На фотографијата објавена од агенцијата се прикажани десетици пожарникари кои се борат со огнот, а сликите на локалните медиуми објавени на социјалните мрежи покажаа јагленисани остатоци во салата каде се одржуваше прославата.

– Пожарот доведе до уривање на делови од салата за славење, бидејќи салата беше изградена од многу запаливи, евтини градежни материјали, кои се урнаа за неколку минути по пожарот – соопшти ирачката управа за цивилна одбрана.

Државната новинска агенција ИНА наведува дека најмалку 100 лица загинале, а 150 лица се повредени.