Фото: Фејсбук/Володимир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави одлуките на САД и Германија да испорачаат борбени тенкови на неговата земја.

Во своето секојдневно видео-обраќање, тој синоќа им се заблагодари на германскиот канцелар Олаф Шолц и на американскиот претседател Џо Бајден за нивните ветувања да ги зајакнат одбранбените сили на Украина со тешки тенкови.

– Благодарен сум на сите наши сојузници за нивната подготвеност да ни обезбедат модерни и многу потребни тенкови, рече Зеленски.

Тој додаде дека начинот на кој сите работат заедно за да ја зајакнат слободата, да ги бранат Украина и Европа е историско достигнување.

– Сега се формира тенковска тупаница. Тупаница на слобода чии удари нема да дозволат тиранијата повторно да застане – нагласи украинскиот лидер.

За таа цел, рече тој, важно е брзо да се обучат украинските тенковски екипажи и да се испорачаат борбените тенкови во Украина што е можно поскоро, пренесе ДПА.

Сепак, потребен е напредок и за други воени прашања – рече Зеленски.

Пред сè, на неговата земја сега и требаат ракети со долг дострел, борбени авиони и повеќе артилерија.

– Ова е сон, ова е задача. Важна задача за сите нас – нагласи украинскиот претседател.