Илустрација/Фото: Пиксабеј

Во вчерашните турски воздушни напади врз курдски позиции во североисточна Сирија загинале најмалку 12 лица, пренесе германската новинаска агенција ДПА повикувајќи се на Сириската опсерваторија за човекови права. Турското Министерство за одбрана денеска потврди дека извршило воздушни напади врз базите на курдските милитанти во северна Сирија и северен Ирак.

Според соопштението од Министерството, цел на нападите биле базите на Курдската работничка партија (ПКК) и на сириската курдска милиција ЈПГ.

Сириската опсерваторија за човекови права соопшти дека 25 воздушни напади ги погодиле областите под контрола на Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите во селата кај Кобане и Алепо. Организацијата за мониторинг, со седиште во Британија, кој ја документира 11-годишната граѓанска војна во Сирија, соопшти дека биле погодени и позиции на сириската армија, при што загинале најмалку 12 лица, вклучувајќи и војници на СДФ и сириската армија.

Според шефот на СДФ, Мазлум Абди, нападите се закана за целиот регион.

– Ова бомбардирање не е во корист на ниту една страна. Правиме максимални напори да избегнеме голема катастрофа. Ако избие војна, сите ќе бидат погодени – напиша Абди на Твитер.

Воздушните напади доаѓаат една недела по бомбашкиот напад во Истанбул, во кој загинаа шест лица, а беа ранети повеќе од 80. Турција ги обвинува ЈПГ и забранетата ПКК за нападот. ПКК ги отфрли обвинувањата.