Фото: пиксабеј

Третманот на талибанците кон жените и девојчињата може да се смета за родово заснован прогон и со тоа, злосторство против човештвото, велат експертите на ОН.

– Во последниве месеци, кршењето на основните права на авганистанските жени и девојки, и онака тешки и неприфатливи, драстично се зголемија – велат независните експерти ангажирани од ОН.

Експертите се дел од механизмот за утврдување факти и следење во повеќе земји во светот и околу различни тематски прашања во Советот за човекови права. Тие се независни од која било влада, организација или институција.

Експертите од областа на човековите, културните и другите права и слободи посочуваат дека на девојчињата во Авганистан им е забрането средно образование, дека жените не можат сами да одат во паркови или спортски сали, ниту пак да патуваат надвор од нивното место на живеење.

Во средата, телекомуникациските власти во провинцијата Урузган објавија дека жените повеќе не можат да купуваат СИМ-картички за мобилни телефони бидејќи продавниците немаат посебни зони за да ги опслужуваат.

Сите овие ограничувања, посочува Ричард Бенет, специјален известувач за човекови права во Авганистан, треба да бидат предмет на истрага како родово засновано прогонство, кое се смета за злосторство против човештвото. Затоа, според Бенет, треба да се покрене гонење според меѓународното право.