Фото: Принт-скрин

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ја тужи Владата поради претресот на неговиот имот и побара од судот привремено да го блокира Федералното истражно биро во прегледување на материјалите, што пред две недели беа запленети од неговиот дом во Флорида.

Трамп, во вчера поднесената тужба пред федералниот суд во Вест Палм Бич, Флорида, бара американското Министерство за правда да му достави детален список на предмети запленети од ФБИ од неговиот дом во Мар-а-Лаго за време на претресот на 8 август.

– Не може да се дозволи политиката да влијае врз спроведувањето на правдата. Спроведувањето на законот не може да се користи како оружје за политички цели – се вели во барањето на Трамп.

Понекогаш во многу чувствителни случаи, судот може да назначи специјален администратор, обично пензиониран судија или адвокат, да ги разгледа запленетите материјали и да се погрижи истражителите да не ги видат заштитените информации.

Американската влада пронашла повеќе од 300 доверливи документи на имотот на поранешниот претседател Доналд Трамп на Флорида, вклучително и материјали од ЦИА, Агенцијата за национална безбедност и ФБИ, објави Њујорк Тајмс, цитирајќи повеќе луѓе запознаени со тоа прашање.

Првичната серија од повеќе од 150 доверливи документи беше пронајдена од Националниот архив на САД во јануари, објави весникот. Соработниците на Трамп му дадоа втор сет на американското Министерство за правда во јуни, додека третиот сет беше запленет во рација на ФБИ претходно овој месец, се вели во соопштението.

Министерството за правда се уште не одговорило на барањето за коментар, ниту пак претставници на поранешниот претседател.

Претресот е дел од федералната истрага за тоа дали Трамп незаконски отстранил документи кога ја напушти функцијата во јануари 2021 година по поразот на претседателските избори од демократот Џо Бајден.

За време на претресот, ФБИ заплени 11 комплети доверливи материјали во Мар-а-Лаго, од кои некои беа означени како „строго доверливо“ – највисоко ниво на тајност резервирано за најстрого чуваните информации за националната безбедност на САД и може да се видат само во посебни државни установи.