Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп ја распушти независната федерална Комисија за помош при изборите (Election Assistance Commission), четири месеци пред изборите за Конгресот.

Според американските медиуми, Трамп ги разрешил тројцата преостанати членови на Комисијата, која беше формирана од Конгресот во 2002 година со задача да обезбедува техничка и финансиска поддршка на сојузните држави во организирањето на изборите.

Во САД спроведувањето на изборите е во надлежност на сојузните држави, а не на федералната власт. Комисијата вообичаено има четворица членови – по двајца претставници од Републиканската и Демократската партија – но подолг период функционираше со тројца поради едно непополнето место.

Одлуката на Трамп предизвика критики од дел од американските политичари и експерти. Државниот секретар на Аризона, демократот Адријан Фонтес, оцени дека станува збор за обид да се внесе неизвесност во изборниот процес.

-Овој потег го поткопува интегритетот на непартиската изборна администрација – изјави Фонтес.

И други критичари сметаат дека распуштањето на Комисијата претставува загрижувачки обид за политичко влијание врз изборниот процес.

Одлуката следува откако на крајот на минатиот месец Врховниот суд на САД донесе пресуда со која значително ги прошири претседателските овластувања над независните федерални агенции, во случај поврзан со Федералната трговска комисија.

Експертите за управно право тогаш оценија дека оваа одлука би можела да има пошироки последици и да му овозможи на претседателот да воспостави поголема контрола врз институции кои досега работеа независно.