Судската постапка ѝ го отвори патот на Марин Ле Пен кон Елисејската палата
- Лидерката на француските суверенисти Марин Ле Пен успеа да ја претвори долгогодишната судска постапка против неа во значајна политичка предност, отворајќи си простор повторно да влезе во трката за претседател на Франција. Иако процесот за наводно фиктивно вработување асистенти во Европскиот парламент сè уште не е правосилно завршен, најновите судски одлуки практично ѝ овозможуваат да остане активна кандидатка на изборите
Од самиот почеток на судската постапка, Ле Пен тврдеше дека евентуалната пресуда не смее да биде средство преку кое ќе им се одземе правото на француските граѓани слободно да го изберат својот претседател. Нејзината порака беше дека конечниот збор треба да го имаат гласачите, а не судовите.
Судот пред сложена дилема
Француското правосудство се најде пред чувствително прашање. Имено, како да обезбеди правна сигурност, а притоа да не биде обвинето дека влијае врз демократскиот процес. Најпрво беше направен преседан со забрзување на постапката, со цел правната неизвесност да биде решена пред почетокот на претседателската кампања. Потоа следуваше и измена на санкцијата, со што повеќе не постојат непосредни административни пречки што би ја спречиле Ле Пен да се кандидира за највисоката државна функција. Овој развој на настаните повторно ја отвори дебатата за односот меѓу правото и политиката, како и за границите на судската интервенција во изборниот процес.
Пред француското највисоко судско тело стои исклучително чувствителна задача. Доколку одлуката биде донесена непосредно пред првиот круг на изборите, судот би можел да се најде во позиција да ја доведе во прашање кандидатурата на еден од водечките претенденти за претседател. Дури и доколку пресудата биде неповолна за Ле Пен, постапката не би имала непосреден ефект. Судијата задолжен за спроведување на казната има законски рок од четири месеци за да ја повика на рочиште, што е подолг период од времето што останува до денот на гласањето.
Што може, а што не може Касациониот суд?
Францускиот Касационен суд не ја преиспитува вината ниту може да изрече построга казна. Неговата улога е исклучиво да оцени дали претходната судска постапка била спроведена во согласност со законот. Пред судот стојат три можни сценарија. Првото е жалбата да биде одбиена, со што пресудата на Апелацискиот суд ќе стане правосилна. Второто, значително поретко во француската судска практика, е пресудата да биде укината без враќање на повторно судење. Третата можност е предметот да биде вратен пред друг апелациски совет на ново разгледување, процес што би можел да трае со месеци, па дури и со години. Доколку во меѓувреме Ле Пен стане претседателка на Франција, целиот случај ќе добие нова правна димензија.
Претседателскиот имунитет како дополнителна заштита
Во случај на избор за претседател, Марин Ле Пен не би била ослободена од евентуалната пресуда, но би уживала широка уставна заштита. Францускиот претседател за време на својот мандат не може да биде предмет на судски постапки, а сите рокови за застарување мируваат до истекот на мандатот. Тоа практично значи дека секое понатамошно судско постапување би било одложено сè додека трае претседателската функција.
Последниот збор ќе го имаат гласачите
Без оглед на исходот од судската постапка, случајот со Марин Ле Пен веќе прерасна во едно од најзначајните прашања што ја обележуваат француската политичка сцена. Тој отвори поширока дебата за границите меѓу независноста на судството, владеењето на правото и демократското право на граѓаните слободно да ги избираат своите претставници.
Дали правниот процес ќе има пресудно влијание врз политичката иднина на Ле Пен или, пак, гласачите ќе ѝ ја дадат довербата и покрај судските контроверзии, ќе стане јасно дури по претседателските избори, кога конечната пресуда ќе ја донесат – француските избирачи. Р.С.
Најава на Ле Пен за четврти обид за освојување на
претседателската функција
По три неуспешни кандидатури, Марин Ле Пен одлучи повторно да влезе во претседателската трка. Според голем број анкети и политички анализи, токму оваа изборна година се оценува како нејзина најреална можност конечно да стигне до Елисејската палата. Со поднесувањето жалба до Касациониот суд, примената на изречената казна се одложува до донесување конечна одлука. Судот најави дека ќе се изјасни на почетокот на следната година, што значи дека Ле Пен ќе може да води значителен дел, а можеби и целата претседателска кампања без правни ограничувања што би ја дисквалификувале од изборниот процес.
Франција поделена околу случајот на Ле Пен
Развојот на настаните предизвикува силни политички реакции и длабоки поделби во француската јавност. Критичарите на Ле Пен предупредуваат дека кандидат со ваков правен товар тешко може убедливо да ја претставува Франција на меѓународната сцена. Републиканците ја обвинуваат дека се обидува да ги ослаби институциите и дека демократијата ја претвора во средство за политички притисок. Од друга страна, нејзините поддржувачи тврдат дека токму институциите се обидуваат административно да ја елиминираат најсилната кандидатка во пресрет на изборите. Според нив, судските постапки не смеат да бидат инструмент за влијание врз политичката конкуренција, туку конечната одлука треба да ја донесат граѓаните на избирачките места. Р.С.
(продолжува утре)
Во утрешниот број на „Нова Македонија“ прочитајте го вториот дел на оваа тема, голема анализа за тоа како исходот од претседателските избори во Франција ќе влијае на внатрешните односи во ЕУ, но и на процесот на проширување, вклучувајќи го и евроинтегративниот процес на земјите од Западен Балкан, особено на Македонија.
































