Фото: Принтскрин

Повлекувањето на Русите од Херсон означува победа на Украина во борбата за југоистокот, по која Москва останува без најголемото воено постигнување од почетокот на оружениот судир, што би можело да ја смени состојбата на теренот додека конфликтот навлегува и во зима, пишува „Фајненшл тајмс“.

Украинските и западните власти со недели шпекулираа дека руското повлекување од Херсон, град кој е од голема стратешка важност поради близината до Крим, е неминовно, но истовремено беа претпазливи за понатамошните предвидувања.

Западните аналитичари велат дека контролата врз Херсон ги проширува опциите на Киев за нанесување на поголем удар врз руските сили и нивната способност за задржување на територијата што веќе ја контролираат.

Херсон е важен за двете страни – вели западен разузнавач за „Фајненшл тајмс“.

Преку повлекувањето од градот, Русија цели да ја засили одбраната на двете страни на реката Днепар, каде што создава одбранбена линија со недели, која е засилена од влажниот терен.

Западните власти очекуваат Украина да го врати северозападниот брег на Днепар до крајот на месецов, но и дека Русија ќе ја задржи другата страна на реката.

Началникот на здружениот генераштаб на американската војска, генерал Марк Мили, во Њујорк истакна оти проценува дека Русија има до 30 илјади трупи северно од Днепар.

– Ќе им бидат потребни денови, а можеби и недели, да ги повлечат тие сили јужно од реката – кажал Мили.

Покрај симболичната вредност како единствениот регионален центар заземен од Русија во текот на осуммесечната војна, Херсон поседува голема важност како стратешка локација, особено во поглед на украинската контраофанзива.

Поширокиот регион на Херсон го поврзува копнениот дел на Украина со полуостровот Крим што е под руска власт, а градот е на околу 100 километри од простор што на Русија и овозможува тесен копнен коридор за снабдување на трупите.

Се проценува дека три значителни патишта и бројни логистички локации, како и складишта за муниција ќе останат на дострел на ракетните системи што Украина ги доби од Западот, заканувајќи се на важниот руски канал на снабдување од Крим. Близината на Крим значи дека Русија би можела да префрли дополнителни сили за заштита на пристапот до полуостровот.

Воените аналитичари велат дека начинот на кој Русија ќе се повлече ќе биде клучен за долгорочните планови на Москва во југоисточна Украина.

– Ако Русија може да ги повлече единиците без тешки загуби, веројатно ќе биде во посилна позиција да ги задржи постоечките линии на фронтот. Затоа е клучно како ќе биде изведено повлекувањето – вели Роб Ли од Институтот за истражување на надворешна политика.

Украина веќе ги извести западните сојузници дека планира да напредува бавно и внимателно во пробивот на нејзините трупи за враќање на Херсон, според дипломатски извори на „Фајненшл тајмс“ кои истануваат дека Киев е претпазлив поради можноста дека одредени руски сили останале во градот или пак од другата страна на реката. Украинските власти всушност стравуваат дека нивната војска би можела да наиде на стапица.

Иако се предвидува дека конфликтот во југоисточна Украина ќе навлезе во ќорсокак во зимскиот период, западните власти сугерираат дека враќањето на Херсон му дава дополнителни изгледи на Киев додека лобира за оружје и финансиска поддршка од владите на Западот.