Фото: Влада

НАТО не верува во најавите на Русија дека ќе ги намали воените операции околу Киев и има информации дека не станува збор за повлекување, туку за прегрупирање, изјави генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг.

– Русите и претходно и повторно не лажат и ние не веруваме во зборови, туку само во дела – рече Столтенберг на прес-конференција во Брисел.

Тој посочи дека НАТО има разузнавачки информации дека руските војници не се повлекуваат, туку се прегрупираат, ги надополнуваат залихите и ја зајакнуваат офанзивата во регионот на Донбас.

– Истовремено, Русија го продолжува притисокот врз Киев и другите градови и очекуваме нови напади, кои ќе донесат уште повеќе страдања – рече генералниот секретар на НАТО.


Се очекува членките на НАТО да одвојат повеќе од два отсто за одбрана

Генералниот секретар на НАТО попладнево изјави дека очекува бројни земји членки да одвојат повеќе од предвидените два отсто БДП за одбраната, тој рече дека два отсто е минимум, јави дописничката на МИА од Брисел.

Столтенберг ова го изјави денеска на прес-конференција во седиштето на НАТО по повод презентацијата на годишниот извештај за 2021 година.

Од 2014, НАТО бара од своите земји членки во нивниот буџет да одвојат два отсто од бруто домашниот производ за одбраната. Со години оваа цел макотрпно се постигнуваше, но со војната во Украина последните месеци земјите сојузнички драстично ги зголемија своите одбранбени буџети и речиси сите се на пат да ги постигнат зацртаните два отсто.

На новинарско прашање дали на јунскиот самит ќе се бара од земјите да ја зголемат стапката над два отсто, Столтенберг попладнево изјави дека “два отсто е минимум“.

– Два отсто не е плафон, туку е минимум, апсолутно е можно да се направи повеќе, видовме дека повеќе сојузници најавија дека ќе одвојат повеќе од два отсто, и врз основа на бројките од годишниот извештај, како и врз основа на најавите, апсолутно сум уверен дека големо мнозинство ќе постигне два отсто, и многу други ќе одвојат повеќе, сојузниците се движат во права насока, инвестираат повеќе од последните години во одбраната, ова е екстремно важно бидејќи живееме во поопасен свет – изјави генералниот секретар на НАТО.