Фото: Принтскрин
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг ја повика денеска Јужна Кореја да ја зајакне воената поддршка за Украина, наведувајќи други земји кои ја промениле својата политика на недавање оружје за земјите во конфликт по руската инвазија.

Столтенберг пристигна во Јужна Кореја вчера во рамки на патувањето, чија цел е зајакнување на врските со американските сојузници во услови на војна во Украина и растечкото ривалство со Кина, а денеска ќе ја посети Јапонија.

На состаноците со високи јужнокорејски претставници, Столтенберг тврдеше дека настаните во Европа и Северна Америка се меѓусебно поврзани со други региони и дека Алијансата сака да помогне во управувањето со глобалните закани преку зајакнување на партнерствата во Азија.

Говорејќи во Институтот за напредни студии Чеј во Сеул, тој и се заблагодари на Јужна Кореја за досегашната за Украина, која не вклучува оружје, но ја повика да направи повеќе, велејќи дека има „итна потреба“ од муниција. Русија инвазијата ја нарекува „специјална операција“.

Јужна Кореја има потпишано големи договори за снабдување со стотици тенкови, авиони и друго оружје за членката на НАТО, Полска од почетокот на војната, но јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол рече дека законот на неговата земја против снабдувањето со оружје на земјите во конфликт го отежнува снабдувањето Украина со оружје.

Столтенберг истакна дека земји како Германија, Шведска и Норвешка имале слични политики, но ги промениле.

– Ако не сакаме победа на автократијата и тиранијата, тогаш (Украинците) имаат потреба од оружје, тоа е реалноста – рече тој.

Во изјавата што ја пренесоа државните медиуми, Северна Кореја ја нарече посетата на Столтенберг „увертира за конфликт и војна бидејќи ги носи темните облаци на „нова студена војна“ во азиско-пацифичкиот регион.

Минатата година, Јужна Кореја ја отвори својата прва дипломатска мисија во НАТО, ветувајќи дека ќе ја продлабочи соработката во неширење оружје, сајбер одбрана, борба против тероризмот, одговор при катастрофи и други безбедносни области.